САД и ЕУ го финализираа трговскиот договор
Европските производители на автомобили би можеле да бидат ослободени од товарот на високите американски царини во рок од неколку недели

Соединетите Американски Држави и Европската Унија во четврток го финализираа прелиминарниот трговски договор што го постигнаа минатиот месец, со царина од 15 проценти за увозот на повеќето европски стоки од САД, вклучувајќи автомобили, фармацевтски производи, полупроводници и дрва.
Според постигнатиот договор, ЕУ вети дека ќе ги елиминира царините за сите американски индустриски производи и ќе обезбеди преференцијален пристап до пазарот за голем број американски земјоделски производи и морски плодови, според заедничката изјава на САД и ЕУ.
Вашингтон ќе преземе чекори за намалување на сегашната царина од 27,5 проценти за увоз на европски автомобили и автоделови во САД откако Брисел ќе ги усвои законите потребни за спроведување на ветените намалувања на царините за американските производи, се вели во соопштението.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го објавија трговскиот договор на 27 јули на голф теренот на Трамп во Шкотска, по едночасовниот состанок што следеше по месеци интензивни преговори.
Двајцата лидери се сретнаа повторно оваа недела како дел од разговорите за ставање крај на војната на Русија во Украина, нарекувајќи го нивниот рамковен трговски договор историско достигнување. Во заедничката изјава се вели дека договорот би можел да се прошири на дополнителни области во иднина за дополнително подобрување на пристапот до пазарот.
Европските производители на автомобили би можеле да бидат ослободени од товарот на високите американски царини во рок од неколку недели, изјави за Ројтерс висок функционер на администрацијата на Трамп.
„Штом ќе ги донесат овие закони, а не мислам на нивно усвојување и целосно спроведување, туку на нивно всушност спроведување, ќе можеме да ги ослободиме (од товарот). И можам да ви кажам дека двете страни сакаат да го сторат тоа брзо“, рече функционерот.
Заедничката изјава е начин страните да „се држат едни со други до својот збор“ и двете страни одговорно да ги исполнат ветувањата што ги дадоа минатиот месец, објасни тој.
„Се обидуваме да го координираме редоследот на дејствување со Европската Унија за да се осигураме дека тие го чувствуваат потребното ниво на притисок за да го добијат овластувањето што им е потребно за да го започнат законодавниот процес за намалување на царините, како што ветија“, рече функционерот, нагласувајќи дека е уверен дека другата страна ќе го стори тоа, но дека заедничката изјава им овозможила на двете страни да се разберат едни со други и да го координираат времето на потезите.
Американските царини ќе бидат намалени откако ЕУ ќе воведе нови закони
Намалувањето на американските царини за автомобили и делови за автомобили ќе стапи на сила првиот ден од месецот во кој ЕУ ќе ги воведе ветените закони, нудејќи можност за ретроактивно олеснување за производителите на автомобили, се вели во заедничката изјава. Сè уште не е јасно кога Брисел ќе го започне законодавниот процес.
Во соопштението, исто така, се наведува дека од 1 септември, САД ќе наплаќаат само најниска царинска стапка на најповластена нација за увоз на европски авиони и делови за авиони, генерички лекови и состојки, хемиски прекурсори и недостапни природни суровини, како што е плута.
ЕУ ќе купи течен природен гас (LNG), нафта и производи од нуклеарна енергија во вредност од 750 милијарди долари од САД и чипови за вештачка интелигенција во вредност од 40 милијарди долари од САД, се вели во заедничката изјава.
Покрај тоа, компаниите од ЕУ ќе инвестираат дополнителни 600 милијарди долари во стратешките американски сектори до 2028 година.
Двете страни се обврзаа да се справат со „неоправданите бариери за дигиталната трговија“, се вели во соопштението, а ЕУ вети дека нема да наметнува такси за користење на мрежата.
САД и ЕУ, исто така, се согласија да преговараат за правилата за потекло за да се осигурат дека двата трговски партнери ќе имаат корист од договорот.
Тие, исто така, ќе разгледаат заедничка работа за да ги одбранат своите пазари за челик и алуминиум од прекумерен капацитет, а воедно ќе обезбедат безбедни синџири на снабдување меѓу САД и ЕУ, вклучително и преку царински квоти, се вели во заедничката изјава.