САД, Британија и Германија го поддржаа холандскиот премиер Марк Руте за генерален секретар на НАТО

Многу други лидери на алијансата се исто така подготвени да застанат зад Руте, кој има импресивна меѓународна кариера


Марк Руте на работа доаѓа најчесто со велосипед

 

САД и Велика Британија ја поддржаа кандидатурата на холандскиот премиер Марк Руте да стане следниот генерален секретар на НАТО, во време кога алијансата се соочува со големи предизвици среде руската војна во Украина и обновените прашања за иднината на американската посветеност на трансатлантските односи.

„Претседателот Бајден силно ја поддржува кандидатурата на премиерот Руте да биде следниот генерален секретар на НАТО“, изјави американски претставник за Ројтерс во четвртокот.

Официјален претставник на Велика Британија рече дека Лондон „силно го поддржува“ Руте да го наследи Јенс Столтенберг. „Руте е добро почитуван во Алијансата, има сериозни одбранбени и безбедносни ингеренции и ќе се погрижи алијансата да остане силна и подготвена да се брани и одвраќа“.

И германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот застана зад обидот на Марк Руте да го води НАТО.

Холандскиот премиер во заминување е „извонреден кандидат“, рече портпаролот на Шолц, Штефен Хебестрајт.

„Канцеларот Шолц ја поддржува номинацијата на Марк Руте за нов генерален секретар на НАТО“, објави Хебестрејт на Икс, осврнувајќи се на „огромното искуство на Руте, неговата голема експертиза за безбедносна политика и неговите силни дипломатски вештини“.

Одобрувањето на Берлин следи по интензивната 24-часовна дипломатска кампања за да се зајакне поддршката за Холанѓанецот, во услови на тековно двоумење од група од околу 10 земји, вклучително и во Источна Европа, како и Унгарија и Турција.

Две третини од сојузниците на НАТО го поддржуваат Руте.

Руте е еден од европските шефови на влади со најдолг стаж, кој е премиер од 2010 година и се смета за безбеден пар раце кој може да биде добро позициониран да се справи со предизвиците на можното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа.

Еден висок дипломат, сепак, предупреди дека кандидатурата на Руте не е завршена работа и дека неговото одобрување од големите земји не значи дека сите сојузници се вклучени.

Поддржувачите велат дека холандскиот лидер е еден од најповрзаните политичари на европската сцена, како и политичар кој не е претенциозен, познат по тоа што вози велосипед на состаноци и предава социјални студии во локално училиште.

Еден холандски функционер рече: „Силата на Руте лежи во три работи: неговите вештини, прагматичен ум и неговата ‘нокиа’ (од неодамна ‘ајфон’).

Убеден атлантист и обожувач на [Винстон] Черчил, неговиот телефонски именик досега опфаќа две генерации светски лидери надвор од границите на западниот свет со кои тој склопил врски и одржува добар контакт – исто така приватно, дури и по нивното заминување.  [Поранешната германска канцеларка Ангела] Меркел и Руте сè уште се среќаваат“, рече функционерот.

„Тој имаше одлична врска со [поранешниот американски претседател Барак] Обама, но одржуваше и конструктивни врски со Трамп. И додека неговото домашно наследство сега е можеби доведено во прашање, неговите меѓународни ингеренции се одлични“.

По падот на неговата влада минатата година, Руте се повлече од функцијата лидер на Народната партија за слобода и демократија (ВВД) и рече дека ќе ја напушти политиката.

Но, во текот на изминатите месеци тој ја извршува функцијата привремен премиер додека разговорите за коалицијата се одолговлекуваат и тој остана многу активен во европската политика – што доведе до растечки шпекулации во штабот на НАТО дека тој е во трка за главната функција.

Во последниве години имаше притисок за диверзификација на раководството на НАТО, кое отсекогаш го држеа мажи од западна Европа. Некои функционери се надеваа дека сојузот конечно ќе има жена лидер или некој од нејзиното источно крило.

Столтенберг, кој е генерален секретар од 2014 година, е Норвежанец, додека неговиот непосреден претходник Андерс Фог Расмусен е Данец. Холандските официјални лица веќе ја извршуваа функцијата три пати – во 1961-64, 1971-84 и 2004-09.

Рано, додека официјалните лица шпекулираа за наследникот на Столтенберг, почна да се споменува името на естонската премиерка, Каја Калас. Латвискиот министер за надворешни работи и поранешен премиер, Кришјанис Каринш, неодамна исто така изрази интерес за улогата.

Со оглед на војната во Русија и многу чувствителната природа на работата, која бара да се зборува во име на голем број земји и да се изгради консензус, некои влади сигнализираа дека ги гледаат кандидатите од Балтикот како премногу радикални за таа улога.

Романскиот претседател Клаус Јоханис, исто така, се споменува како можен кандидат. Другите имиња што се појавија порано во трката – вклучително и Бен Валас од ОК – не успеаја да соберат ентузијазам. (Гардијан)