САД го забранува тестирањето противсателитски ракети
САД се обврзуваат на забрана за тестирање свои противсателитски ракети со цел да се воспостават нови норми за воени активности, соопшти потпретседателката Камала Харис.
Таа остро ги критикуваше Русија и Кина поради тестирање противсателитски ракети, иако САД, исто така, користеа ракета-пресретнувач пред повеќе од 14 години за да уништат неисправен шпионски сателит.
Темата стана уште поитна, откако Русија во ноември со ракета уништи нефункционален сателит од советската ера, со што создаде над 1.500 парчиња отпад, ризичен за американските и руските астронаути.
– Просто кажано, овие тестови се опасни и нема да ги спроведуваме, истакна Харис.
Сличното тестирање ракети, што го изведе Кина во 2007 година, исто така создаде отпад што се рашири во вселената.
Харис нагласи дека остатоците создадени од ракетните тестови, може да влијаат и на комерцијалните сателити, а светот се потпира на нив за временска прогноза, GPS системите, телевизиските преноси и друга инфраструктура.
Најавата за забраната за тестирање на противсателитски ракети следува откако Харис, на состанокот во декември, најави дека претставници на Советот за национална безбедност на Белата куќа ќе соработуваат со Пентагон, Стејт департментот и други американски агенции, во изготвувањето на предлозите за новите стандарди за просторна безбедност.
САД се прва држава што објави ваква забрана. Харис се надева дека и други земји ќе го следат ваквиот потег.