САД ги отфрлија како смешни и лажни тврдењата за биолошкото оружје во Украина


Белата куќа во саботата (Фото: АП)

САД ги отфрлија како „смешни“ и класични дезинформации руските тврдења за постоење на американски лаборатории за биовојување во Украина.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби,  ги отфрли како смешни и лажни тврдењата на Русија, преземени и од Кина, дека САД управуваат со објект за биовојување во Украина. Според него, Русија создава лажен контекст за да ги оправда сопствените ужасни злосторства во Украина, за кои веќе и е покрената постапка за воен криминал од меѓународниот суд во Хаг, како и од две земји.

Со демант се јави и Стејт Департментот. Во него стои:

„Кремљ намерно шири отворени лаги дека САД и Украина спроведуваат активности со хемиско и биолошко оружје во Украина. Видовме и претставници на НР Кина како ги повторуваат овие теории на заговор. Оваа руска дезинформација е тотална глупост и не е прв пат Русија да измислува вакви лажни тврдења против друга земја. Исто така, овие тврдења беа разоткриени дефинитивно и постојано во текот на многу години.

Како што кажуваме цело време, Русија измислува лажни изговори во обид да ги оправда сопствените ужасни акции во Украина. Соединетите Држави не поседуваат ниту контролираат никакви хемиски или биолошки лаборатории во Украина, тие се однесуваат во целосна согласност со своите обврски според Конвенцијата за хемиско оружје и Конвенцијата за биолошко оружје и никаде не развиваат или поседуваат такво оружје. Русија е таа која има активни програми за хемиско и биолошко оружје и ја прекршува Конвенцијата за хемиско оружје и Конвенцијата за биолошко оружје.

Конечно, Русија има досие да го обвинува Западот за злосторствата што самата ги прави. Овие тактики се очигледен трик на Русија во обид да ги оправда понатамошните однапред смислени, неиспровоцирани и неоправдани напади врз Украина. Целосно очекуваме Русија да продолжи да ги удвојува ваквите тврдења со дополнителни неосновани наводи, стои во демантот од Вашингтон.