САД блиску до голем број нови трговски договори, најави министерот Бесент

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави пред Конгресот дека САД би можеле да постигнат трговски договори со најголем дел од своите клучни партнери до крајот на годинава.
– Околу 97 или 98 отсто од нашиот трговски дефицит се поврзани со само 15 земји. Би се изненадил ако не постигнеме најмалку 80 до 90 отсто од договорите до крајот на годината, а можеби и порано, рече Бесент на сослушување пред Одборот за апропријации на Претставничкиот дом, пренесе НБЦ Њуз.
Тој додаде дека е можно уште оваа недела да бидат објавени договори со некои од најголемите партнери. Бесент нагласи дека САД преговараат со 17 од 18-те најважни трговски партнери, но дека со Кина преговорите сѐ уште не се почнати.
Министерот очекува значително намалување на царините и укинување на нетарифните бариери, како и прекин на манипулациите со валути и субвенциите што влијаат врз конкурентноста.