Рзрешувањето е поради тоа што во Владата не може да има опозиционери, рече Џафери
Премиерот рече дека разрешувањето на Меџити и Алиу не се однесува на нивната професионална компетентност, туку поради најавите на Таравари за опозициско делување
Седницата на Собранието со голем влог, на која се расправа за разрешувањето на двајцата министри од Алијансата за Албанците, почна напрегнато, како и што се очекуваше. Премиерот на техничката влада, талат џафери, во образложението за неговиот предлог рече дека е неможно во кабинетот да има двајца опозициски министри откако лидерот на АА, Арбен Таравари, најави дека неговата партија на изборите ќе оди заедно ао албанската опозиција.
Според Џафери, предлогот за разрешувањето на Фатмир Меџити и Азир Алиу не се однесува на нивните професионални квалификации, бидејќи ја знае нивната професионална подготвеност.
„Основата за разрешување се однесува на законската должност за состав на влада според Законот за Владата. Во основите на Договорот од Пржино, учесници во Владата освен мнозинството се и припадници на најголемата опозиција во Собранието. Министрите чие разрешување се предложува, по објава на претседателот на Алијанса за Албанците на Фејсбук дека од тој момент ќе дејствуваат како опозиција и ќе ја поддржат опозицијата, се изјаснија дека стојат зад декларацијата на претседателот. Законот вели дека не може да има два опозициски субјекти во состав на Владата и тоа е основната причина за што се предлага ова разрешување“, рече Џафери.
Во своето обраќање до пратениците министерот за здравство, Фатмир Меџити, ја обвини ДУИ за деструктивно однесување и дека се залага за партиски на сметка на граѓанските интереси.
„Поминаа 11 месеци во кои како министер покажав како се работи, не бегав од проблемите, туку влегов во оган за да ги решам прашањата од кои сите пред мене бегале и ги ставиле под тепих“, рече Меџити. „Жалам што се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во оваа Влада. Се покажа дека ДУИ преку нивните министри до крај реши да политизира и попречува и реши до крај да оди против интересите на граѓаните. Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, тие сметаат дека политиката е средство за реализација на лични интереси“, рече Меџити.
Тој имаше порака и до СДСМ, велејќи дека неговите владини функционери биле неми набљудувачи на тоа што ДУИ го правела, а било против интересот на граѓаните. „Немото соучесништво е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Мојата чест е чиста“, рече Меџити.
Во последните два дена рече дека добил стотици пораки на поддршка, што покажува, како што рече, дека е на вистинскиот пат.
„Од утре натаму вие одговорете им зошто не се реализираат 1.117 вработувања во Министерството за финансии. Вие одговорете им зошто се кочат катните гаражи за да се среди хаосот во Клиничкиот центар. Никој не веруваше, но со моето доаѓање го набавивме лекот ‘трикафта’ и почнаа да го добиваат пациентите. Обезбедивме 650 сензори за мерење на шеќерот во крвта. Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема. Првпат обезбедивме хеликоптерски меѓународен транспорт за болно лице. Ги покачивме платите трипати. Еве ова е мојот приход во здравството. Работев чесно, но очигледно тоа не е доволно“, рече Меџити пред пратениците.
Собранието пред да го усвои дневниот ред, ги поддржа владините предлози по скратена постапка да се донесат законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, дополнувањата на Законот за заштита на децата, изменувањето и дополнувањето на Законот за државното правобранителство, како и изменувањето и дополнувањето на Законот за социjалната заштита.
Отфрлени беа и два предлога, на Халил Снопче од АА кој побара да се тргне од дневен ред Предлогот за измени и дополнувања на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, како и на Димитар Апасиев од Левица кој побара од дневниот ред да се тргне Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.