Руте во Тирана: Блокадата на Бугарија ја запре и Албанија


Марк Руте и Еди Рама на прес-конференцијата во Тирана

Холандскиот премиер Марк Руте денеска во Тирана изјави дека за да започне првата меѓувладина конференција на ЕУ со Албанија „од суштинско значење е да се реши прашањето на Бугарија со Северна Македонија. Се надевам дека ова ќе биде постигнато“.

Руте беше во неколкучасовна посета на Тирана за време на неговата балканска турнеја. Тој вчера ја посети Грција, а денеска попладне ќе биде во Скопје. На заедничката прес-конференција албанскиот премиер Еди Рама рече дека разговарале за „за моментот во кој се наоѓаме; многу добро знаеме дека Холандија, Франција и Германија мислат дека сме апсолутно подготвени да почнат првите меѓувладини конференција со Албанија и Северна Македонија. Со тоа формално ќе започне долгиот процес на преговори, но ќор-сокакот создаден со ветото на Бугарија мора да се реши“.

Руте ја пофали Албанија дека направила многу последниве две години и Холандија сега станала нејзин поддржувач. „Имаме многу блиски соработнички односи во овие две години со Албанија на полето на правосудството за подобрување и натамошно зголемување на соработката, но и фактот да бидеме строги и фер. Направениот прогрес е голем што овозможува да се каже – да. Постојат геополитички и геостратешки причини за тоа“.

Холандскиот премиер на Твитер му се зблагодари на Рама за топлиот пречек во Тирана. „Видов со мои очи колку работи напорно Албанија да ги имплементира неопходните реформи како кандидат за членство во ЕУ. Албанија е на вистинската патека“.