Руте: Во НАТО никој не е сам, ќе ве браниме и вас!

Руте упати благодарност до Радмила Шекеринска нарекувајќи ја „одличен избор“ за функцијата во НАТО и порачувајќи дека „со особена гордост соработува со неа“ 


Марк Руте и Гордана Сиљановска (Фото: Б. Грданоски)

 

Никој не е сам во НАТО. Вашите сојузници и пријатели се со вас. Ќе ве браниме и вас и  сојузниците ако бидете вовлечени во кризата што ескалира деновиве на Блискиот Исток, беше пораката на генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте за време на денешната посета на Македонија и по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.  

„Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна – нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО е посветен на заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Северна  Македонија да го одигра својот дел“, потенцираше Руте на прес-конференцијата.

Тој ја нарече Македонија верен и вреден сојузник на НАТО која придонесува за безбедноста на источното крило на Алијансата.

„Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамки на НАТО да се надминуваат или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО“, потенцира претседателката.

Таа изрази уверување дека НАТО не е само воен сојуз туку задница на споделена одговорност, но и најважно – на заедничка визија во која ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата.

„Како кредибилен сојузник ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност“, рече претседателката.

Сиљановска истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ, и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан со оглед на актуелните предизвици.

„Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членствот на Западен Балкан во ЕУ“, нагласи претседателката.

Запрашан за коментар околу фактот дека земја членка на НАТО (САД) го нападна Иран.  Руте рече: 

„Да бидам јасен. Иран е блиску до стекнување нуклеарни и балистички ракетни капацитети, што претставува закана не само за Блискиот Исток, егзистенцијална закана за Израел, туку и за Европа. Исто така, знаеме дека Иран, како извозник на хаос, е одговорен за децении терористички напади и обиди за атентат. Зборувам за режимот, а не за иранскиот народ. Можам да ве уверам дека НАТО ќе ја брани секоја педа од територијата на Алијансата. Нашите команданти и мажите и жените во униформа работат на ова секој ден, применувајќи пристап од 360 степени, вклучително и против секоја закана што доаѓа од тероризам. На сите ни е подобро поради слабеењето на нуклеарните и ракетните капацитети на Иран и поради фактот дека Хамнеи повеќе не е таму, а беше одговорен за илјадници смртни случаи само оваа година кога имаше протести против режимот“, рече Руте, за да не остави простор дека ја гледа како легитимна интервенцијата на САД и Израел.

Марк Руте (Фото: Б. Грданоски)

Сепак, направи потоа јасна ограда од учеството во неа. 

„НАТО нема да се приклучи на кампањата на САД и на Израел. Многу земји членки даваат логистичка поддршка и се присутни како поединечни сојузници. Ја користат таа можност и ова е поддржано од сите наши колеги во НАТО“, одговори Руте.

Голем дел од своето обраќање во Собранието потоа тој го посвети на Украина при што порача дека сојузниците се со нас секогаш кога ќе се соочиме со опасен и насилен свет, посочувајќи ги директно Русија, Кина и Иран во тој контест кои според него стекнуваат се поголема способност да не притискаат. 

„Иран е извозник на хаос. Опасноста што ја преставува тој е далекусежна и затоа Иран не може да поседува нуклеарно оружје“, нагласи генералниот секретар на НАТО.

Од обраќањето на Марк Руте во Собранието

За Украина и агресијата од Русија тој рече дека кога војната ќе заврши мора да се обезбеди дека мирот ќе биде оддржлив и Украина за тоа да добие гаранции, со порака  дека „безбедноста на Украина е наша безбедност“. 

Руте пред пратениците не пропушти да ја спомене неговата заменичка, Радмила Шекеринска, која и покрај тоа што ја држи една од највисоките функции во Европа, дома наидува на потценувања. Упатувајќи и посебна благодарност што ја има во НАТО со искуството зад неа, Руте рече таа беше одличен избор за функцијата во НАТО и дека „со особена гордост соработува со неа“. 

За време на средбата во четири очи со претседателката  во Вилата Водно, Руте си дозволи малку неформалност излегувајќи на терасата и поздравувајќи ги пријателски новинарите со рака. Средбата беше замислена да трае подолго, но поради доцнењето на Руте едвај траеше петнаесетина минути.