Рускиот пијанист Борис Березовски со два концерта во Филхармонија


Рускиот виртуоз на пијаното, еден од најбараните солисти на денешнината, Борис Березовски, во Скопје настапува на два концерта.

Првиот, кој ќе се одржи на 29 мај во камерната сала на Филхармонија во 20 часот, е негов рецитал, кога ќе настапи со изведба на дела од Шуман (Пијано квинтет во Es-dur, оп. 44), Балакирјев („Исламеј“ оп. 18) и Григ (6 Лирски пиеси оп. 54 од Книга 5).

На рециталот, заедно со Березовски, ќе настапат и македонските музички уметници: Анна Кондратенко – виолина, Владимир Костов – виолина, Бојан Талески – виола и Александар Котевски – виолончело.

Веќе наредниот ден, на 30 мај, во 20 часот, Березовски ќе настапи како солист со Филхармонијата на симфонискиот концерт под наслов „Кодот на Березовски“. Рускиот волшебник на пијаното ќе изведе два концерта за пијано и оркестар едноподруго, кога ќе биде и самиот диригент – Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев и Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Дмитриј Шостакович.

Оваа вечер ќе биде изведена и Симфонија бр. во 2 од Александар Бородин, под диригентство на младиот Виктор Митревски, кој годиниве наназад кариерата ја гради на европските музички подиуми.

Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и во светот. Музичката критика едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката што ја изведува. Студиите ги завршува на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршува со Александар Сац. По неговото деби во лондонскиот „Вигмор хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“.

Зад него се многубројни аудиозаписи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел…, а меѓу нив и носачи на звук што ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен во изведба на Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со диригентот Дмитри Лис, или сите трансцендентални етиди на Франц Лист.