Рускиот амбасадор благодарен што присуствувал на Пленумот на Левица
Сергеј Баздникин вели дека односите меѓу двете земји не се најдобри сега, но не по вина на Москва
Неколку дена по одржувањето на Вториот пленум на Левица, на која за лидер повторно беше избран Димитар Апасиев, објавена е благодарницата на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин за честа што му била направена да присуствува на овој собир.
Баздникин и кинескиот амбасадор беа двајцата странски дипломатски претставници во земјава кои беа присутни на овој собир. Покрај нив имаше и други гости, меѓу кои и неколку европарламентарци. На двајцата амбасадори Апасиев им додели почесни статуетки кои претставуваат партиски симбол за пријателството.
Во писмото на Баздникин тој вели дека е благодарен на можноста да присуствува на Пленумот на Левица. Тој вели: „На партијата чии ставови се патриотски и посветени на сочувањето на достоинството на државата, македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик. Ве обвинуваат и етикетираат дека сте проруската партија – тоа не е така. Вие сте исклучиво македонската партија и ова вистина е добро позната за сите.
Убеден сум дека сите присутни добро знаат и разбираат дека Русија никогаш не се мешаше и нема намера да се меша во внатрешните работи на вашата земја, со чиј народ сме врзани со вековни врски на пријателство и меѓусебно почитување, засилени со духовно и културно сродство и заеднички словенски корени“.
Баздникин во писмото нагласува дека односите меѓу двете земји минувале низ лошо време, а за тоа не била виновна Русија, но продолжуваат да контактираат со луѓе од различни области, меѓу кои и политиката.
„И покрај фактот дека сега билатералните односи меѓу нашите земји минуваат низ не најдоброто време – не на иницијатива на руската страна, туку како резултат на бројни непријателски чекори против неа – амбасадата продолжува да ги користи сите постоечки можности за поддржување на контакти во различни области, вклучително и политичка.
Како дел од овие напори, се разбира, се обидуваме да одржиме комуникација со оние кои се подготвени за конструктивна интеракција и за размена на мислења за тековни прашања. Ние – и јас лично – високо ги цениме отворените контакти со членови на партијата, ставот што го заземаат нејзините членови, вклучително и јавно.
Вашите активности – особено во сегашните услови – ги сметам за одраз на вистински патриотски чувства традиционално својствени на македонскиот народ“, вели рускиот амбасадор.