Русите загубиле 5.300 војници и огромен број воени возила

Украинскиот медиум „Киев индепендент“ објави дека руските сили досега загубиле 5.300 војници, 29 борбени авиони, 29 хеликоптери, 816 воени возила и 191 тенк.
-Зошто доаѓате? Оставете го оружјето и заминете си. Не им верувајте на командантите, не им верувајте на вашите пропагандисти, спасете си ги животите, им се обрати претседателот на Украина, Володомир Зеленски на руските војници.
Бројките не можат да се потврдат сепак од независни извори, но се појавуваат многу видеа што покажуваат уништени руски воени возила.
Зеленски најави исто така дека ќе ги ослободи од затвор осудените кои имаат војничко искуство иако, како што рече, станува збор за тежок морален избор, но неопходен за одбраната на земјата. Тој рече дека затворениците ќе се борат на најжешките места и дека приоритет сега е одбраната.
Русија не објави проценки за своите загуби во војната, но во понеделникот тврдеше дека погодила 1.114 објекти на украинската воена инфраструктура од почетокот на нејзината офанзива. Покрај тоа, портпаролот Конашенков од Министерството за одбрана тврди дека Русија уништила 314 украински тенкови и други оклопни борбени возила, 57 повеќекратни ракетни фрлачи, 121 теренска артилерија и минофрлачи и 274 специјални воени возила.