Русија се огласи за прв пат од почетокот на блокадите во Србија: „Постои ризик од хаос“
Москва во четвртокот предупреди дека постои ризик од „хаос“ во Србија по неколкумесечните протести против корупцијата кои доведоа до оставка на премиерот Милош Вучевиќ.
„Исклучително е важно демонстрантите… да покажат разум и да не ги следат оние што ги разгоруваат емоциите“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. „Во Србија мора да се избегне хаос“.
Улични протести ја потресуваат Србија со месеци по уривањето на настрешницата на железничка станица во ноември, при што загинаа 15 лица. Тоа предизвика незадоволство низ целата земја поради корупцијата и наводниот недостиг на надзор над градежните проекти.
„Гледаме дека властите ги слушаат критиките и се подготвени за директен дијалог со сите во рамките на политичкиот процес“, рече Захарова.
„Веруваме дека ова е единствениот правилен начин да се постигне општ консензус во интерес на заштита на суверенитетот, националното достоинство и традиционалните вредности и зачувување на внатрешната стабилност“, додаде таа.
Пред да ја преземе својата претходна владина функција во Белград, Вучевиќ беше градоначалник на Нови Сад од 2012 до 2022 година, а за тоа време започна реновирањето на железничката станица.
Тој ја објави својата оставка претходно оваа недела, по помалку од една година на функцијата.
Тензиите во Србија зовреа во последниве недели, а некои протести станаа насилни, при што студентите ги обвинуваат провладините хулигани дека целат на демонстрациите.