Русија ќе распореди балистички ракети „Орешник“ во Белорусија


Русија ќе распореди балистички ракети „Орешник“ на територијата на Белорусија, согласно договорот меѓу претседателите на двете земји, изјави рускиот дипломат Алексеј Полишчук во интервју за ТАСС.

– Русија, во рамките на своите сојузнички обврски, кои во 2024 година беа утврдени во Концепцијата за безбедност на Сојузната држава и во Договорот за безбедносни гаранции, е подготвена да му обезбеди на Минск неопходна поддршка и да преземе чекори за заштита на заедничкиот одбранбен простор, изјави Полишчук.

Тој нагласи дека договорот меѓу лидерите на Русија и Белорусија предвидува и распоредување на руските балистички ракети „Орешник“ со среден дострел на територијата на Белорусија.

Кон крајот на јануари, белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека руските хиперсонични ракети „Орешник“ наскоро ќе бидат распоредени во Белорусија. Според него, можно е тие да бидат поставени во близина на рускиот град Смоленск.

Полишчук исто така ја коментираше можноста за мировни преговори за Украина, посочувајќи дека тие можат да се водат врз основа на Истанбулскиот договор од 2022 година.

– Русија е подготвена за сериозни разговори и реалистични предлози. Како што повеќепати истакнавме, мирното решавање е можно врз основа на Истанбулскиот договор од 2022 година, кој предвидува неутрален и немилитаризиран статус на Украина, нејзино откажување од странски воени бази и земање предвид на сегашните територијални реалности. Освен тоа, пред почетокот на преговорите, мора да се решат правните аспекти поврзани со легитимноста на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски и неговата одлука за забрана на преговори со (рускиот претседател Владимир) Путин, изјави шефот на вториот оддел за земјите од ЗНД при руското Министерство за надворешни работи, Алексеј Полшчук.