Русија ја прекина продажбата на ракетни мотори на САД, шефот на Роскосмос порача: „Нека летаат на метли“
Русија престана да продава ракетни мотори на САД како одговор на санкциите, изјави во четвртокот директорот на руската вселенска агенција Роскосмос Дмитриј Рогозин, пренесе Ројтерс.
„Во ваква ситуација, не можеме да ги снабдуваме САД со нашите најдобри ракетни мотори во светот. Нека летаат на нешто друго, со нивните метли, не знам што“, рече Рогозин на државната телевизија.

Рогозин тврдеше дека од 1990-тите, Русија испорачала 122 мотори RD-180 во САД, а 98 биле користени. Како дел од одлуката, Русија ќе престане да ги сервисира ракетните мотори, што значи дека 24-те кои се неискористени ќе бидат без помош на Русите.
Во четвртокот, Роскосмос, исто така, објави дека повеќе нема да соработува со Германија за истражување на Меѓународната вселенска станица.

Минатата недела Русија ја нападна Украина, со постојани копнени и воздушни напади низ целата земја. Според украинската влада, руските ракетни напади погодиле станови, сиропиталиште и детска болница.
Досегашната руска кампања наиде на широка осуда од меѓународната заедница и ги обедини западните нации на невиден начин, кои започнаа широка кампања за санкции против Путин и неговите сојузници.