Русија испраќа ново летало „Сојуз“ на Меѓународната вселенска станица на 24 февруари
Русија одреди нов датум за испраќање спасувачкo летало „Сојуз“ на Меѓународната вселенска станица – МВС, за тројца астронаути да можат со него да се вратат на Земјата.
Оваа мисија е неопходна поради неисправноста на претходното вселенско летало „Сојуз“ што во мигов е прикачено на МВС. Во декември е објавено дека ова летало останало без течност за ладење, поради што се смета дека е небезбедно за астронаутите да полетаат. Затоа, на 24 февруари руската вселенска агенција Роскосмос ќе испрати ново летало „Сојуз“ без посада, за да можат руските космонаути Дмитриј Петелин и Сергеј Прокопијев, како и Американецот од НАСА, Фран Рубио – да се вратат дома.
Роскосмос минатиот понеделник ја одложи мисијата. „Прогрес 82“, товарно вселенско летало прикачено на МВС од октомври, исто така почна да ја губи течноста за ладење. Петелин, Прокопијев и Рубио отпатуваа до Станицата во септември и требаше да се вратат на Земјата со истото летало. Но, во декември се случи непредвиденото расипување, наводно поради удар на микрометеороид. Месец подоцна, Роскосмос објави дека ќе испрати друг „Сојуз“ за астронаутите.
Доколку Роскосмос го спроведе најавениот план, следниот „Сојуз“ ќе стигне до МВС два дена пред планираната мисија „Кру-6“ на „Спејс-Икс“, закажана за 26 февруари. Потоа, двајца астронаути на НАСА, еден од Обединетите Арапски Емирати и еден Русин, се следните жители на МВС.