Русија и Украина си разменија по 185 воени заробеници и 20 цивили


Русија и Украина разменија воени заробеници според формулата 185 за 185, објави денеска руското Министерство за одбрана.

Во соопштението се наведува дека покрај 185 заробени украински војници, Русија ослободила и 20 цивили, јавија руските медиуми.

„Во согласност со руско-украинските договори постигнати на 23 јули во Истанбул, 185 руски војници беа вратени од територијата контролирана од режимот во Киев. Во замена, беа префрлени 185 воени заробеници на вооружените сили на Украина. Покрај тоа, беа вратени 20 цивили“, се наведува во соопштението на руското МО.

Во моментов, руските војници и цивили се наоѓаат на територијата на Белорусија, каде што им е пружена потребната психолошка и медицинска помош.

Според извештаите, сите вратени руски војници и цивили ќе бидат транспортирани во Русија на лекување и рехабилитација во медицински установи.