Рубини: Централните банки се фатени во стапица
Глобалната економија е на пат кон стагфлација и централните банкари би можеле да бидат фатени во стапицата на обидот да ја нормализираат монетарната политика, изјави познатиот економист Нуриел Рубини, познат и како „Доктор пропаст“ поради неговите мрачни, но главно точни прогнози.
„Светската економија претрпува радикална промена на режимот“, рече тој во авторски текст за Project Syndicate во вторникот, најавувајќи го крајот на Големата умереност, за време на која економиите уживаа ниска инфлација и висок раст.
Позитивните трендови беа стандард во изминатите неколку децении, но тие се менуваат во она што Рубини го нарекува Голема стагфлација: ера на висока инфлација, низок раст, висок долг и потенцијал за тешки рецесии, пишува Investor.me.
Глобалните економии имаат повисоки нивоа на долг од порано, што ја поставува основата за, рече тој, потенцијален неуспех на централните банки.
„Затоа, централните банки се заглавени во ‘должничка стапица’: секој обид за нормализирање на монетарната политика ќе доведе до зголемување на товарот за сервисирање на долгот, што пак ќе доведе до големи несолвентности, каскадни финансиски кризи и пад на реалната економија“, рече Рубини.
Во последните изјави Рубини даде прогнози дека вредноста на акциите може да падне и до 50 отсто, а предвидувањата за блага рецесија ги нарече заблуди.
За новата економска ера, неговата порака за инвеститорите е подеднакво мрачна:
„За време на големата стагфлација, двете компоненти на секое традиционално портфолио на средства – долгорочните обврзници и американските и светските акции – ќе страдаат, што потенцијално ќе доведе до огромни загуби“, рече Рубини.