Романското МНР откри зошто не стана амбасадор Жерновски


„Постапката за акредитација на Андреј Жерновски за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт не беше завршена само поради дипломатска постапка и обичај, со оглед на тоа што изборот на новиот претседател на Северна Македонија се случи за време на процесот на акредитација“.

Со овие зборови Министерството за надворешни работи на Романија одговори на барањето информација од „Независен“, зошто амбасадорот Андреј Жерновски ги предал акредитивите во Министерството за надворешни работи во Букурешт, а не успеал да го направи тоа кај претседателот, што беше основа за обвинувањата од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски дека бил амбасадор на „диво“ – иако ја завршил постапката во Македонија. Патем мора да се истакне дека постапката за прифаќање странски амбасадор е дискрециона и дека повеќе од ова тешко може да се очекува од Букурешт. 

Практично испаѓа дека на Жерновски му се случило тоа што и се случи денес на Ленче Ристовска и други два кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, за кои стигна омаловажувачка оценка дека „не ги исполнувале  условите“ за судија во Судот за човекови права во Стразбур, иако таму веќе го поминаа филтерот и Владата требаше само да избере еден од нив.

Имено, како и за кандидатите за судии, власта најверојатно самата ја стопирала процедурата на Жерновски за акредитирање која се случувала во време на изборите во Македонија, на кои победија ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска како претседател. Тоа сепак не е пречка од Владата постојано да го блаткаат името на Жерновски како амбасадор, сведувајќи го неговото заминување безмалку на криминална операција за која не се знае како се случила, односно обвинувајќи го за наводни сериозни процедурални и административни пропусти, иако од тука замина со завршена постапка, со одлука на влада, со поддршка на МНР, а не на своја рака.  

Како за потсетување Жерновски беше повикан во земјата по изборите и беше на „консултации“ 192 дена, додека неговото отповикување не беше објавено во Службен весник. Жерновски тогаш најави дека ќе ги тужи новинарите за клевета, а Ристоска денес ја повика Владата да каже кои кандидати не ги исполнуваат условите, што беше изговор да се поништи листата. Таа најави дека официјално ќе го извести Стразбур ако дојде до нарушување на постапката која е пропишана од Судот за човекови права. Дури и да оди постапката како што треба, сепак Владата прати политички сигнал до Стразбур дека тие што се на листата се неприфатливи за неа и ако сака да има судија од Македонија, треба да ја прифати нoвната листа.  

Имено, откако не ги прифати кандидатите, Владата формирала нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија.Одлуката на Владата со новите членови на Комисијата е објавена во Службен весник на 25 јули и сега наместо девет, брои пет члена. Практично владата си избра своја комисија за да си испрати свои кандидати за судија во Стразбур, правејќи повторно од Македонија карикатура држава.