Романса со корејската виолинистка Сојанг Јун во Филхармонија


„Романса“ е насловен вечерашниот симфониски концерт на Филхармонијата со врвната корејска виолинистка Сојанг Јун, која ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар од Јоханес Брамс. Оркестарот ќе го води диригентот  Михал Нестерович од Полска, а на концертот премиерно во земјава ќе биде изведена и Петтата симфонија од англискиот композитор Ралф Вон Вилијамс.

Солистката Сојанг Јун  првпат доаѓа во Скопје. Се смета за една од најдобрите виолинистки на новата генерација, добитничка на први награди на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис.

-Нејзините изведби од критиката се опишани како „високо дисциплинирани“  или „техничка совршеност која секогаш е во служба на музиката“.  Како солист настапува со водечки оркестри… Во 2012 година, заедно со Бенџамин Грегор-Смит, Јун го основа триото „Орион“, со кое ја добива правата награда и наградата од публиката на натпреварот за камерна музика „Мигрос Културпроцент“ во Цирих, соопшти Филхармонијата.

Сојанг Јун живее во Базел и Сеул, а се едуцирала на универзитетите  во Сеул, Келн и Цирих. Свири на виолина од 1773 година, изработена од Гвадањини, позната како „Бикебург“.