Романот „Свети Ереси” од Лиза Макинерни објавен на македонски


Во издание на „Бата прес“, деновиве излезе од печат психолошкиот роман, трилер „Свети ереси“ од ирската авторка Лиза Макинерни. Делото од англиски на македонски го преведе Ацо Пероски, а објавувањето е поддржано од Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

Романот првпат ќе се промовира на годинешниов саем на книгата, во почетокот на мај годинава и по тој повод најавено е доаѓањето на авторката и средби со љубителите на книгата.

По четириесет години во егзил, Морин се враќа во Корк за повторно да се соедини со нејзиниот син Џими, кого била принудена да го напушти, откако една ноќ, убила непознат натрапник во нејзиниот дом и со тоа предизвикува серија настани што ќе го потресат целиот град и ќе откријат различни ликови и случувања на маргините на ирското општество.

Петнаесетгодишниот Рајан би направил сѐ за да не личи на својот татко, алкохоличарот Џими.

Во дејствието што се одвива во Ирска и Лондон присутен е голем број млади ликови од распаднати семејства, сторијата е преполна со убиства, банди, секс, дрога, алкохол…

Лиза Макинерни (Lisa McInerney) е родена 1981 година во работничко семејство, во Галвеј, Ирска.

Ги објавила романите: „Свети ереси“ во 2015, „Чуда од крв“ во 2017 и „Правилата на Откровението“ во 2021 година.

Романот „Свети ереси“ ја доби престижната награда „Бејлис“ за најдобра женска фикција во 2016 година, а истата година е добитник и на наградата „Дезмонд Елиот“ за дебитантски роман.