Романот „Страв од Варвари“ на Петар Андоновски објавен во превод на француски јазик
Романот „Стравот од варвари“ на Петар Андоновски е објавен во превод на француски јазик, направен од Марија Бежановска, во издание на бриселската издавачка куќа Grassroots (Грасрут), јави дописникот на МИА.
„Стравот од варвари“ краткиот роман од (120 страници) на Петар Андоновски се две приказни раскажани од две жени. Едната, Оксана, е Украинка, другата, Пенелопа е Гркинка. Тие живеат на речиси пуст остров: Гавдос, во близина на Крит. Романот поврзува два далечни света: оној на постчернобилската ера и оној на многу изолираната грчка островска заедница. Гласовите на двете жени се мешаат со гласовите на две други кои се отсутни, но кои имале трајно влијание врз животите на Оксана и Пенелопа. Така се воспоставува дуплирање на дијалогот, откривајќи го минатото, сегашноста, реалноста и сеќавањето на овие две жени. Нивните изневерени надежи и неисполнетите желби.
Петар Андоновски е роден 1987 година во Куманово. Автор е на три романи и збирка песни (Ментален простор, 2008). Од објавувањето на неговиот прв роман „Очи во боја на чевли“ (2013), младиот писател забележува успеси, неговиот роман беше номиниран за наградата за роман на годината, многу посакувана награда во Северна Македонија. Две години подоцна, тој ја доби оваа голема награда за неговиот втор роман „Телото во кое ќе треба да се живее“ (2015). И неговиот трет роман „Стравот од варварите“ (2018) му носи меѓународно признание: Европската награда за литература 2020 година доделена од Европската Унија.
Петар Андоновски е четвртиот македонски романсиер што ја добива Европската награда за литература. Пред него оваа чест ја имаа Гоце Смилевски (Сестрата на Фројд), Лидија Димковска (Резервен живот) и Ненад Јолдески (Секој со своето езеро).