Роман за деца од Јасмина Кантарџиева-Димков: Во „Еднорозија“ ќе ги најдете сите чудеса


Во весела атмосфера, со многубројна детска публика, завчера во книжарницата „Литература.мк“ беше промовирана новата книга за деца „24 часа во Еднорозија“ од aвторката и новинарка Јасмина Кантарџиева-Димков. Во приказната од романот, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, присутните ги воведе уредничката Бисера Бендевска. Преку интерактивен осврт таа ги запозна децата со главните ликови и со волшебната земја Еднорозија.

Во „24 часа во Еднорозија“ малата извидничка Дева е изгубена во густата шума на планината Би. Во потрага по неа тргнуваат нејзината сестра близначка Дина, момченцето Јан и кученцето Путерче. Случајно ја откриваат чудесната, таинствена земја Еднорозија во која живеат еднорози, самовили и волшебникот Моли. Многу одамна, злобниот принц Нолад фрлил страшна магија врз оваа прекрасна земја и оттогаш нејзините жители се заробени во неа. Додека групата извидници трага низ планината по нашите пријатели Дева, Дина, Јан и Путерче, тие, пак, се соочени со многубројни предизвици што треба да ги совладаат, три гатанки што треба да ги одгатнат и три книги што треба да ги пронајдат за да ги спасат жителите на Еднорозија.

Јасмина Кантарџиева Димков, родена во 1973 во Скопје, е магистер по културологија во книжевноста. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на македонски и италијански јазик и литература. Во новинарската и писателската фела твори и истражува веќе дваесетина години. Од 1998 година, по издавањето на нејзиниот прв роман за деца „Штрковите не носат деца“, се посветува на детската литература. Авторка е на седум книги од кои пет се романи за деца.