Рокас: За да го унапредите процесот треба да ги усвоите уставните измени
Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас денеска на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, истакна дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени, со цел, како што кажа, да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи.
Според него, во извештајот на ЕУ има поинаква структура со цел да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од првата страница на Извештајот со ЕУ.
-И да, ќе ја добиете нашата поддршка. Како одговор би сакал да кажам дека има поинаква структура во извештајот за земјата со цел да може полесно да се чита и е покус и секако сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и овој дел. Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, рече Рокас во одговор на прашањето дали тоа што добрососедските односи се на првата страница од Извештајот на ЕК, значи дека земјата не ги исполнува доволно добро односите со соседите.
Рокас потсети дека за време на минатонеделната посета на Скопје, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен кажала јасна порака.
-Невозможно е да шпекулирам за хипотези, но она што е кристално јасно и што би сакал да го кажам е дека кога претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен беше на истава оваа говорница таа кажа јасна порака и би сакал да ја цитирам. Прво, имаше дискусија за одличната соработка и таа секако се заблагодари на Северна Македонија за тоа и потоа „имаме јасна цел, тоа да се отвори кластерот Основи што е можно побрзо. Речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред“ и потоа продолжи дека е уверена исто како што кажа и премиерот дека може да ги надминеме пречките коишто се се уште таму и коишто се уште таму постојат. Толку имам да кажам, рече Рокас.
Тој цитираше делови од Извештајот за напредокот на земјава, посочувајќи дека Северна Македонија треба да продолжи паралелно да ја испорачува имплементацијата на реформите поврзани со ЕУ, особено во Кластерот Темели – поточно судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, а довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, а додаде, корупцијата треба да се решава преку добар след на случаите во судовите и во обвинителствата.
-Комисијата се стреми кон следење на скрининг извештајот по однос на основите, како и патоказите кои се усогласени со Преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што е можно побрзо и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Особено што се однесува до нашата проценка оваа година има извесен напредок што е постигнат во областа против организираниот криминал од страна на земјата и ограничен напредок во судството, каде пто се бележи подобрување во споредба со минатата година кога не беше забележан напредок. Зборував за борбата против корупција каде што за жал нема напредок, но има позитивни елементи и тие се забележани во областа на земјоделството, руралниот развој, риболовот, транспортните и регионалните политики, рече Рокас.
Што се однесува до внатрешниот пазар, додаде евроамбасадорот, севкупната проценка останува комбинирана – одреден напредок, помалку напредок, но областите како што се слободно движење на работници, стоки и конкурентната политика, интелектуалната сопственост, треба да бидат унапредени.
Нагласи дека мошне позитивен дел од извештајот е тоа што земјата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика.
Министерот Орхан Муртезани на прес-конференцијата рече дека МЕП направило анализа на Извештајот и дека најсимплифицираната квалификација при читањето на Извештајот е дека има напредок, т.е. дека има благ нагорен тренд.
-Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2024 година е добро ниво на подготвеност, односно 3,22 во споредба со 3,13 во 2023 година. И таа е солидна и констатна во однос на повеќе години претходно. Во однос на останатите земји-кандидатки од регионот би напоменал дека нашето ниво на подготвеност е се уште највисоко, што е уште еден показател дека Северна Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку компаративната анализа укажува на тоа дека имаме кумулиран напредок, рече Муртезани.
Истакна дека Извештајот се објавува во еден ден, но неговото читање трае 365 дена, зашто тој не е само оценка за нашите досегашни активности, туку и патоказ за следните чекори на нашиот европски пат и дека клучен момент е како да ги интегрираме овие насоки во нашите политички и економски стратегии.
-Ова е предизвик кој го прифаќаме со одговорност и решителност. Ние сме свесни дека успехот на европското досие зависи од заедничките напори — од Владата, преку Собранието, до граѓанскиот сектор. Преку соработка и отворен дијалог, како основа на нашите напори за унапредување на нашата европска иднина. Само така сонот за членство во Европската Унија може да стане реалност. Јас, како главен преговарач со ЕУ и стручните служби во Министерството за европски прашања, остануваме цврсто посветени на континуиранот развој на нашите капацитети и реализација на стратешките цели на Северна Македонија, рече Муртезани.