Ројтерс: Тајна средба на претставниците на Русија и Украина

Средбата била во Емиратите, а тема на разговорот извозот на рускиот амонијак преку Украина и размената на заробеници


Киев по нападот на руски ракети на 23 ноември (Фото: Ројтерс)

 

Претставници на Русија и Украина се состанаа во Емиратите минатата недела за да разговараат за можна размена на затвореници, што, пак, е поврзано со враќањето на рускиот извоз на амонијак во Азија и Африка преку Украина, открија извори запознаени со состанокот, пренесува Ројтерс.

Ројтерс дознава дека преговорите биле координирани од арапски претставници, а ОН не биле вклучени и покрај големата улога во преговорите и иницијативата за извоз на прехранбени производи од украинските пристаништа на Црното Море. Амонијакот обично се користи во земјоделската индустрија за производство на ѓубрива.

Разговорите за размена на затвореници се проширија и ги допреа пречките во ублажувањето на глобалниот недостиг на храна со деблокирање на украинските и руските пристаништа.

Руски и украински претставници пристигнаа во Абу Даби на 17 ноември, каде што разговараа за дозволата на Русија да продолжи со извоз на амонијак во замена за размена на голем број украински и руски затвореници.

Украинскиот амбасадор во Турција, Васил Боднар, за Ројтерс изјави дека „ослободувањето на воените заробеници е дел од преговорите за отворање на рускиот извоз на амонијак“, додавајќи дека тие бараат начин да го продолжат извозот во секој случај.

Путин во средата рече дека руските власти продолжуваат да работат на деблокирање на руското ѓубриво заглавено во европските пристаништа и продолжување на извозот.

Извозот на руски амонијак може да се одвива само преку постоечката инфраструктура во Црното Море. Гасоводот транспортира до 2,5 милиони тони амонијак годишно од рускиот регион Волга до украинското пристаниште Пивдењи на Црното Море за транспорт до меѓународните клиенти. Гасоводот беше затворен по инвазијата на 24 февруари.

Извозот на амонијак не беше дел од договорот што го преговараше ОН за враќање на извозот на жито од украинските пристаништа. Сепак, нивните експерти се оптимисти за договорот за амонијакот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно постави неколку услови пред на Русија да ѝ се дозволи реекспорт на амонијак, вклучително и размена на затвореници и повторно отворање на пристаништето Миколаев на Црното Море.

Ниту Русија, ниту Украина не објавија официјални податоци за воените заробеници од почетокот на инвазијата. На крајот на октомври, Зеленски рече дека Русија ослободила вкупно 1.031 затвореник од март.

Обединетите Арапски Емирати, како и Саудиска Арабија, одржуваат блиски односи со Москва и покрај притисокот од Западот. Претседателот Мохамед бин Заед ал Нахјан минатиот месец ја посети Москва, каде што разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за можноста Абу Даби да посредува во овој проблем.

Украина е главен производител на жито и растително масло. Русија, од друга страна, е најголемиот светски извозник на пченица и главен снабдувач на ѓубрива на светските пазари.

Од јули, Москва се жали дека извозот на пченица и вештачко ѓубриво, иако не е директно засегнат од санкциите, е ограничен бидејќи санкциите ги отежнуваат процесите на наплата или осигурување за извозниците.