Роденден на „Охридско лето“: Концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на Антички
Фестивалот „Охридско лето“ веќе по традиција својот роденден 4 август го одбележува со несекојдневни доживувања, нудејќи содржини малку поинакви од вообичаениот фестивалски концепт, со концерти насочени кон привлекување поширок аудиториум. Нашата најреномирана и најголема музичко-сценска манифестација овој 59-ти роденден ќе го прослави вечерва со концерт на познатите уметници на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на сцената на Античкиот театар.
– Секоја година во традиционалниот термин од 12 јули до 20 август се случува магијата наречена „Охридско лето“. Повеќе од половина век оваа манифестација испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации. Секоја година 40-те фестивалски денови се празник на уметноста, рече по повод јубилејот директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.
Таа истакна дека огромна е честа да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание, потсетувајќи на многутемина кои оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на „Охридско лето“ низ годините наназад.
– „Охридско лето“ носи околу илјада уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Над 20 илјади посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани.. Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија, рече Поповиќ.
Селекторот на музичката програма на фестивалот Васо Ристов, истакна дека фестивалот претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и државата, а преку долгата традиција остварува универзална и благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности.
– До крајот на ова, 59-то фестивалско издание остануваат уште 14 фестивалски вечери во музичкиот дел. Како и лани, и оваа година, музичкиот дел на 19 август го затвораме со македонски автор, професорот Томислав Зографски, одбележувајќи 85 години од неговото раѓање на кој ќе настапат македонски докажани солисти, рече Ристов.
Врз досегашната драмска програма на годишеното фестивалско издание се осврна селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски кој нагласи дека фестивалот е од непроценливо богатство и заслужува да се грижиме за него повеќе и на посебен начин.
– Годинава донесовме специфични и посебни претстави со кои на некој начин сакавме да покажеме што е она што оваа година го карактеризира овој фестивал. Со голема радост го чекам затворањето и „Одисеј“ на Горан Стефановски зашто речиси беше невозможно на почетокот, таа посебна претстава на Горан да ја донесеме тука бидејќи сите нејзини чинители заминале на некои други острови, отпатувале на некои други мориња и ова беше како да собираш камчиња по брегот на еден цел океан. Задачата ни успеа и ќе ги собереме сите тие луѓе. Го прославуваме 59-от роденден и веднаш започнуваме со подготовки на 60-тото издание на фестивалот, истакна Поповски.
Влатко Стефановски, виртуозот на гитара од многумина оценет како нашиот најпознат музички амбасадор во светски рамки, рече дека „Охридско лето“ со своите 59 изданија може да биде ментор и учител, пример за многу фестивали во регионот и светот. За Стефановски секој негов настап во Охрид бил предизвик, привилегија, задоволство.
– Сум растел заедно со овој фестивал, честопати сум бил во Охрид токму кога се случувало „Охридско лето“. Сум доаѓал од Скопје пред 30 години за да го гледам Рави Шанкар во „Света Софија“, токму во рамки на фестивалот. Сум учествувал на фестивалот. Знам колку е тешко да се организира ваква манифестација, со многу учесници, гости, сместувања, тонски проби, озвучување, простори, столчиња, по ветер, дожд, сонце…Оттаму и мојата поддршка на сите тие напори, со искрени честитки за толку голем јубилеј, рече Стефановски.
Мирослав Тадиќ не го криеше задоволството што му е дадена можност да настапува во земјата за која рече дека е извориштето на музиката што особено ја сака. Рече дека додека бил малечок и гледал преноси на концерти од „Охридско лето“, воопшто не верувал дека ќе ја има честа да свири на фестивалот, уште помалку за роденденскиот концерт.
– Македонија и мојата уметничка татковина бидејќи веќе 40 години откако заминав во САД на свој начин најмногу се занимавам токму со македонската музика. Таа е за мене извор на инспирација, на мошне интересен музички материјал, така што би се пофалил дека генерации студенти од целиот свет преку мене ја откриваат и обожуваат таа музика, со нејзината прекрасна мелодичност, хармонија и ритмика, истакна Мирослав Тадиќ.
Дуото Стефановски – Тадиќ активно функционира повеќе од две децении. Зад себе има над стотина концерти, меѓу кои настапи во најреномирани светски уметнички сцени, со најпознати симфониски оркестри, како оние во концертната сала „Musikverein“ во Виена, потоа со Лондонскиот симфониски оркестар во Лондон, во Монте Карло, Лајпциг, Магдебург, Вајмар, Лос Анџелес…Нивниот албум „Крушево“ е култен албум меѓу дискофилите и култна плоча кај аудифилите кои го препознаваат добриот звук.
Фестивалот „Охридско лето“ официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. Од година во година „Охридско лето“ се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. Фестивалот од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Истата Асоцијација на последниот состанок одржан во Лисабон го помести „Охридско лето“ меѓу трите најреномирани манифестации од тој вид во Европа.