Род Стјуарт ги продаде правата на своите песни за речиси 100 милиони долари
Британскиот музичар Род Стјуарт ги продаде правата за издавање и целиот каталог на неговите песни за речиси 100 милиони американски долари, објави во четвртокот Волстрит џурнал.
Според овој американски деловен дневен весник, компанијата „Iconic Artists Group“ за споменатата сума ги откупила правата на каталогот на Стјуарт, како и одредени права за користење на неговото име и сличност.
Ова е втора голема продажба на права во светот на поп и рок музиката за помалку од една недела. Имено, Sony купи половина од правата на неговите изданија и песни од наследниците на Мајкл Џексон, чија вредност Њујорк Тајмс ја процени на 1,2 милијарди американски долари. Според музичката мрежа Билборд, Sony платил најмалку 600 милиони долари за половина од правата.
Пазарот за музички права е исклучително активен во последниве години, па легендарните музичари како Боб Дилан, Брус Спрингстин и Нил Јанг ги монетизираа своите каталози на песни.
Инвеститорите веруваат дека нивните инвестиции ќе се исплатат многукратно во ера кога услугите за стриминг музика цветаат, имајќи предвид дека сопствениците на правата заработуваат од секое емитување на песни, продажба на албуми, употреба на музика за промотивни цели или во филмови и серии, што е пропишани со законите за авторски права.