Робот, во Божиќен говор, го кажа она што луѓето не се осмелија (Видео)
Во божиќниот говор на Амека, еден од најнапредните роботи во светот зборуваше за темите што ja обележаа оваа година. Роботот Амека во телевизиското обраќање зборуваше за теми како што се војната во Украина, смртта на кралицата Елизабета Втора и климатските промени.
Станува збор за робот кој е способен за ултра реални реакции – може да се насмевне или да се намурти, да трепне, па дури и да намигнува.
„Со воодушевување и загриженост гледам на настаните од оваа година. Точно е дека многу појави во 2022 година беа од негативна природа. Видовме како луѓето на власт подлегнуваат на антисемитизмот, корупцијата и омразата. Видовме како народот на Украина беше подложен на инвазија и раселување од Русија“, рече роботот.
Тој зборуваше и за смртта на кралицата Елизабета Втора.
„Ја видовме смртта на саканата кралица Елизабета Втора, видовме и како светот на политиката станува се похаотичен без неа. Да не зборуваме за влијанието на пандемијата врз менталното здравје, растечката нееднаквост меѓу богатите и сиромашните и се поекстремните временски услови предизвикани од климатските промени“, додаде Амека.
Најшокантно е што неговиот божиќен говор не го напишал човек, туку бил користен софтвер кој генерирал одговори од милиони различни влезови за да се даде одговор што е можно поблизок до човекот.
Изгледа дека успеале во тоа.