Роберт де Ниро и Ал Пачино во прва модна кампања за јакните на Монклер – потопло заедно
Њујорк -Иконите на големиот екран – претходно видени заедно во филмови како „The Irishman“ од 2019 година, „ Righteous Kill, “ од 2008 година, „Heat “ од 1995 година и „The Godfather Part II “ од 1974 година – се зближија за нивната прва заедничка бренд кампања во име на Монклер. Верни на глобалното лансирање на кампањата, „Потопло заедно“, Пачино и Де Ниро се зближуваат додека ги носат најновите зимски парчиња од луксузната модна куќа како „израз на пријателство, поврзаност и човечка топлина“.

Во еден од видеоспотовите од кампањата, Де Ниро изјавува: „Топлината никогаш не доаѓа однадвор, туку одвнатре“. Ал Пачино додава: Пријателството е најдоброто нешто што може да го имате“.

Кампањата наречена „Потопло заедно“ снимена е во Њујорк, САД. Тоа не е само промоција на облеката, се вели, туку и на вредностите како што се блискоста и довербата. Пораката на кампањата е да се пренесе топлината што доаѓа не само од облеката, туку и од меѓучовечките односи преку приказната за долгогодишното пријателство на двајцата глумци. За фотографиите беше задолжен грчко-британскиот фотограф Платон Антониу, кој во црно-бели снимки ги прикажа Пачино (85) и Де Ниро (82), во спонтан разговор и дружење, додека ги носеа јакните од новата колекција.
„Монклер“ е основан во 1952 година во Франција, а денес се смета за еден од водечките светски брендови за луксузна облека. Брендот е познат по својата зимска облека, а последниве години сè повеќе ја комбинира модата со културни, супкултурни и емотивни приказни. Под раководство на Ремо Руфини, сè почесто соработува со познати имиња од светот на уметноста, филмот и музиката. Кампањата е придружена со нова верзија на песната „Lean on Me“, изведена од американскиот музичар Тобе Нвигве и неговата сопруга Мартика „Фет“.