Ризичен потег на Црна Гора, ако не го вратат кредитот на Кина ќе останат без дел од територијата


Црна Гора стравува дека проектот за изградба на автопатот кој би требало да ги поврзе пристаништето во Бар со Белград и кој го финансира Кина „ќе биде на патот кон пропаст“.

Имено, тој проект кој влијаеше на зголемувањето на долгот на земјата би можел да биде опасен доколку се има рпедвид кредитот со кој е финансиран и можноста на Црна Гора да ги испочитува сите ставки од договорот кон кинеската „Ексим“ банка, пишува „Фајненшал Тајмс“.

„Оваа кинеска инвестиција би можела да биде многу опасна за Црна Гора и никој за тоа не размислува во нашата земја“, оцени Милка Тадиќ Мијовиќ, директорката на подгоричкиот Центар за истражувачко новинарство, кој направи и документарец за овој автопат.

Според наводите, задолжувањето на црногорската влада од Кина за финансирање на трошоците од автопатот кое е проценето на 1,3 милијарди евра, го зголеми долгот на земјата од 63 проценти бруто домашен производ во 2012 на речиси 80 проценти.

Автопатот го гради Кинеската корпорација за патишта и мостови, а 85 проценти од заемот го финансира кинеската „Ексим“ банка. Првата фаза од проектот од 41 километар, со 20 мостови и 16 тунели низ груб планински терен, чинеше 20 милиони евра по километар.

„Проектот на автопатот и начинот на кој истиот се финансира првпат ја доведе Црна Гора во ситуација на дефицит кој е поголем од стандардот на ЕУ, ограничувајќи го идниот простор за финансиско маневрирање на владата“, изјави еден западен официјален претставник, пишува „Фајненшал Тајмс“.

Две студии за изводливост спроведени од страна на меѓународни компании, кои ги прегледа „Фајненшал Тајмс“, покажале дека автопатот нема да има доволно промет за да ги оправда трошоците. Кога црногорскиот парламент во 2014. година изгласа одобрение за кинескиот заем, студиите не им беа ставени на располагање.

Договорот, договорен без отворен конкурс, го ослободи ЦРБЦ и сите производители од плаќање на ДДВ или царински давачки. Исто така е наведено дека ако Црна Гора не успее да го врати својот долг во предвидениот рок, „Ексим“ банката би имала право на дел од својата територија. Било каква арбитража би се водела според кинеските закони.