Во близина на грчкиот остров Крит загинаа 12 мигранти – спасени над 100


Безживотните тела на 12 мигранти биле извлечени од морето југозападно од грчкиот остров Крит, додека во три одвоени случаи во поширокиот регион спасени биле вкупно 105 лица, кои се пренесувале со три чамци, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите од крајбрежната служба на Грција, несреќата со загинатите била на 15 наутички милји југоисточно од пристаништето Кали Лименес, кога товарен брод што пловел во близина забележал чамец со мигранти и спасил 18 лица.

На местото веднаш пристигнал патролен брод на крајбрежната служба, во кој биле пренесени спасените и биле извлечени телата на 12 загинати лица.

Дополнително, во два други одвоени случаи биле спасени 40 и 47 мигранти, кои со чамци се наоѓале јужно од Крит, а биле забележани од воздушно средство на Фронтекс и биле преземени од брод на Фронтекс со цел да се пренесат на пристаништето на Кали Леменес.