Автобусот што се преврте на автопат во Хрватска бил со српски таблички
Две лица загинаа, а повеќе се тешко повредени кога автобус со српски регистарски таблички се преврте утрово околу 7:25 часот на автопатот А3 во близина на Загреб, објави Хрватската радио-телевизија (ХРТ).
Несреќата се случила веднаш по клучката Иванич-Град, во насока кон Загреб, на 61. километар од автопатот. Во автобусот имало вкупно 33 патници и двајца возачи. Полицијата потврди дека се превртел автобус со српски регистарски ознаки, а на местото на настанот веднаш пристигнаа итните служби, при што за брз транспорт беше ангажиран и медицински хеликоптер.
Хрватската министерка за здравство Ирена Хрстиќ, која заедно со вицепремиерот и министер за одбрана Томо Медвед излезе на терен, соопшти дека пет лица се тешко повредени.
– Две тешко повредени лица се пренесени во Клиничкиот болнички центар (КБЦ) ’Сестре милосрднице‘, едно лице во одделот за трауматологија на локацијата Драшковиќева, а две тешко повредени лица во КБЦ Загреб. Сите останати 27 лица, со возила на итната медицинска помош и во придружба на полицијата, се пренесени во повеќе болници во Загреб. Сите тешко повредени во рок од еден час беа сместени во болниците за понатамошно лекување – изјави министерката Хрстиќ, додавајќи дека на терен биле испратени девет екипи на Итната медицинска помош, вклучувајќи го и тимот на хеликоптерската итна медицинска служба (ХЕМС).
Министерот Томо Медвед истакна дека медицинските екипи, полицијата и 15-те пожарникари кои интервенирале реагирале соодветно, им помогнале на повредените и спречиле можна појава на пожар. Тој посочи дека сè уште се утврдува државјанството на патниците во автобусот, по што ќе следуваат контакти и координација со нивните амбасади, упатувајќи сочувство до семејствата на загинатите.
Полицискиот увид е во тек за утврдување на причините за несреќата, а сообраќајот на тој дел од автопатот се одвива забавено, по левата коловозна лента.