Уште десет поглавја до крај: Црна Гора затвори 23 од 33, Договорот за пристап во ЕУ се очекува во јуни


Со затворањето на поглавјата 1 – Слобода на движење на стоки и 12 – Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, Црна Гора стигна до 23 привремено затворени од вкупно 33 поглавја од преговорите, така што остануваат уште десет до крајот на преговорите. Владата и европските институции најавија дека целта е сите преостанати поглавја да бидат затворени до крајот на годината, додека премиерот Милојко Спајиќ очекува во јуни следната година да го потпише Договорот за пристапување кон Европската унија.

Две нови поглавја беа затворени на 30. Меѓувладина конференција меѓу Црна Гора и Европската унија во Брисел, каде што црногорската делегација ја предводеше Спајиќ.

Тој по средбата рече дека затворањето на поглавјата 1 и 12 претставува продолжување на резултатите на европскиот пат.

„Додека годината се ближи кон крајот, ние даваме резултати. Секоја реформа бара голема посветеност, резултатите се тука. Нашиот фокус останува непроменет – владеење на правото, силни институции, подобар животен стандард“, рече Спајиќ.

Како што наведе, Владата очекува во наредните недели да продолжи со затворање на преостанатите поглавја.

„Ќе продолжиме силно во наредните недели со цел да ги затвориме сите поглавја до крајот на годината, за да биде потпишан Договорот за пристап во јуни и да ја достигнеме историската цел за полноправно членство во 2028 година“, рече Спајиќ.

Најави и уште една меѓувладина конференција на крајот на овој месец, додека, според него, декември ќе биде особено важен.

„Црна Гора е подготвена за сите преостанати поглавја и за следната фаза од пристапниот процес. Очекуваме нашата работа, постигнатите резултати и исполнетите обврски да бидат признаени преку европската политичка определба“, рече Спајиќ.

Ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана Томас Бирн оцени дека завршувањето на преговорите меѓу Црна Гора и ЕУ е „на дофат“, но дека е неопходно да се продолжи со работата.

– Ја задржуваме оценката дека е можно да се затворат сите поглавја за време на ирското претседателство, односно до крајот на годината, рече Бирн.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека со затворањето на уште две поглавја, Црна Гора направи нов чекор кон потпишување на Договорот за пристап следното лето.

„Направивме уште еден чекор на патот на Црна Гора кон потпишување на Договорот за пристап во Европската унија веќе следното лето. Денеска затворивме уште две поглавја од преговорите поврзани со слободата на движење на стоки и безбедноста на храната“, изјави Кос.

Таа посочи дека реформите што се спроведуваат во овие области носат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството.

„Реформите во овие поглавја значат поедноставна трговија со ЕУ, побезбедна храна за потрошувачите и подобра заштита на здравјето на животните и растенијата“, рече Кос.

Како што рече таа, по затворањето на повеќе од две третини од преговарачките поглавја, на Црна Гора сè уште и треба единство и фокусирање на реформите.

„На Црна Гора и треба континуирано единство и фокус на спроведувањето на реформите со цел успешно да ја заврши последната фаза од своето европско патување“, заклучи Кос.

Министерката за европски прашања, Маида Горчевиќ оцени дека со затворањето на поглавјата 1 и 12, Црна Гора е „два чекори поблиску“ до крајот на пристапните преговори.