Риалити шоу од институциите


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, ја научи лекцијата – донел одлука да им се одземаат мобилните телефони на сите што влегуваат во неговата канцеларија и со кои е на заедничка средба. До вчера било демократија, т.е. анархија, тој имал доверба во тие со кои зборувал, ништо не криел и не слушнал дека политиката е расипана работа.

Иако е во интерес на јавноста што се дозна за состојбите околу безбедноста на авиосообраќајот и за таа во М-НАВ, каде што очигледно се води внатрешна пресметка не на една, туку на повеќе основи, необјасниво е како ваква наивност сè уште живее на овие простори, во нашите институции и во Владата, по 20.000 прислушувани разговори, по сè уште неоткриениот број прислушни станици, по масовното продавање на разузнавачки и секакви материјали од политичкото подземје, по многуте видеоснимки од разни адреси и упатени кон разни функционери… Најмногу од сè, сепак изненадува импровизацијата со која функционираат институциите во државата, во време кога ниту во една странска амбасада во земјава не може да се влезе без темелна рендген-проверка дури и на вработените внатре, макар влегле стопати дневно, а не еднаш. И во време кога во Европа одамна е измислено како да се блокираат телефоните во институциите, како да се заштитат кабинетите, како да се проверуваат гостите, соработниците, вработените, не заради Рашковски, туку заради можноста еден ден да излезе нешто што може драматично да ја наруши безбедноста или некој друг интерес на земјата.

Најстрашно е што од еден случај се виде во колку сфери има несфатлива импровизација, не само околу безбедноста на комуникациите и информациите во најглавната институцијата – Владата. Дека радарот за авиосообраќајот кога работи, кога не работи, а со години се развлекува тендер кој треба да помогне да се реши состојбата. Дека во еден од последните извештаи на Агенцијата за цивилно воздухопловство, која ја следи работата на М-НАВ, нема ништо друго освен забелешки од типот – не се остварило, не е усогласено, не е имплементирано, ништо не е регуларно, доцни промената… и слично, а целата енергија таму се троши на вработување нови кадри за кои лично ургираат високи функционери од сите власти.

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека Рашковски не е вреќа за боксување, па да го напаѓа кој ќе стигне, а тој да нема право да се брани. Точно е, како што е точно и дека медиумите не можат да не одговараат за објавување неточни информации, ако се покаже дека е така. Но, пред да дојде до тоа, владините функционери треба да научат за што имаат ингеренции да зборуваат, во што имаат ингеренции да се мешаат, што им пишува во описот на работата, што спаѓа во теми за кои мора да биде информирана јавноста, а што е тема за зад затворена врата, а пред сè како од нивниот кабинет да не се снимаат риалити шоуа.

Друга, пак, тема е како со години бил критичен безбедносниот надзор над небото на нашата држава. Еднаш сме останале и без радар, со години бил заглавен тендерот со кој треба да се подобри состојбата, а никој не повикал новинари да ги информира за тоа, иако е интерес на јавноста. Па, сега се чудат – поминал ли тендерот навистина или не, добил ли некој на него или уште се решава, имало ли местење или не? Ако Владата не нашла за потребно да ја извести јавноста за една ваква важна постапка во која се инволвирани милиони евра, и тоа во институција која со години се поврзува со разни скандали и каде што се слеваат големи пари, зошто тогаш се чуди што никој не ја разбира сега и не верува во нејзината приказна?