Режисерот на „Титаник“ тврди дека ја предвидел судбината на Титан: „Почувствував што се случи“


Режисерот на филмот „Титаник“ и експерт за подморници Џејмс Камерон изјави во петокот дека ја предвидел судбината на подморницата Титан неколку дена пред да бидат пронајдени нејзините останки.

Сите пет патници загинаа во катастрофалната имплозија на подморницата. Камерон изјави за ББЦ Њус дека предвидел што се случило со подморницата неколку дена пред да се потврди веста.

„Почувствував во моите коски што се случи“, рече Камерон. „Знаев дека подморницата е точно под нејзината последна позната длабочина и позиција. Таму ја најдовме“, рече тој.

Тој додаде дека сето тоа што се случуваше изгледало „како продолжена и кошмарна шарада каде што луѓето трчаат наоколу зборувајќи за звуци од удари и кислород и сето тоа“.

Камерон инаку е експерт за длабоко море, нурнал до потонатиот брод Титаник повеќе од 30 пати.

„Најдов некои информации кои веројатно беа од воено потекло, иако тоа можеше да биде истражување бидејќи има хидрофони низ целиот Атлантик, и добив потврда дека има гласна бучава што одговара на имплозија“, рече тој, опишувајќи ја потрагата за подморницата како „кошмарна шарада“.

„Веднаш повикав некои од моите контакти во подморничката заедница. За околу еден час ги дознав следните факти. Тие се спуштаа, беа на 3.500 метри и одеа до 3.800 метри длабочина“, вели тој.

„Сега имаме уште една руина која, за жал, се заснова на истите принципи на непочитување на предупредувањата“, додаде Камерон.

Тој додаде дека би сакал претходно да предупредил за технологијата на „Оушнгејт“.

Тој вели дека бил скептичен кога слушнал дека компанијата гради подморница со композитен труп направен од јаглеродни влакна и титаниум.

„Мислев дека тоа е ужасна идеја. Посакувам да зборував, но претпоставував дека некој е попаметен од мене бидејќи никогаш не сум експериментирал со таа технологија“, рече Камерон.

Подводен робот без екипаж, испратен од канадски брод, ја открил подморницата во четвртокот наутро на околу 488 метри од потонатиот брод Титаник, четири километри под површината, изјави на прес-конференцијата во четвртокот контраадмиралот на американската крајбрежна стража Џон Маугер.

„Остатоците покажуваат катастрофално губење на комората за притисок“, рече Маугер.