Реставрацијата на Споменикот на слободата на Чемерски во Кочани документирана на филм со потпис на ќерка му
Македонската премиера на дебитантскиот документарец „Руини” на Елена Чемерска, за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, на фестивалот МакеДокс помина со силен аплауз во преполниот Куршумли ан.
Филмот е топла и искрена лична историја во која Чемерска го документира деветгодишниот макотрпен процес на реставрација на споменикот и сите бирократски пречки, но и нејзината врска со татко ѝ и браќата – филмаџијата и параглајдерист Филип и преведувачот Огнен кој го преведе „Моби Дик“ – кои починаа во кус период еден по друг, со мајката на браќата Каќа и мајка си Рајна. Во големата слика, филмот ги истражува темите на справување со личната загуба и личниот залог за зачувување на дело кое не е само семејно туку и светско културно наследство.

„Првичната идеја беше само да направиме значенска реставрација на Споменикот на слободата, да му го вратиме значењето кое го има, но во текот на процесот открив голема видеоархива и други документи, па се зафативме со проектот за целосна реставрација. Тогаш решив да го документирам целиот процес и морав да научам да правам филм за да го сторам тоа“, рече на премиерата режисерката и визуелна уметница Чемерска и додаде дека во еден за неа тежок периодот често одела кај Споменикот и го доживувала како прибежиште.
„Секој споменик живее само тогаш кога луѓето се покрај него, односно кога има парче уметност, тоа предизвикува емоции и ги повикува луѓето да се поврзуваат со него“, рече Чемерска.

Светската премиера на „Руини“ беше на 14 јуни во конкуренцијата за награди на филмскиот фестивал во Шангај, Кина.
„Руини” произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата” и го следи враќањето на режисерката во Македонија, каде се вклучува во реставрацијата на делото на татко ѝ. Во продукција на „Синема футура“ беше поддржан со 800 илјади денари (13 илјади евра) на Конкурсот за финансирање на проекти на Агенцијата за филм во втор рок на одлучување во 2018. Проектот „Татковина: Споменик на слободата”, инициран од Чемерска во 2017, обедини меѓународни соработки помеѓу уметници, културни работници и експерти од областа на конзервацијата и реставрацијата, со цел значенска, а потоа и физичка ревитализација на споменикот.
Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата е на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук Лука Гамулин. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија имплементиран од „Хартефакт фонд“. Копродуценти се продукциите „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева.

Реставрираниот Споменик на слободата беше претставен во декември 2024, по двегодишна обнова со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата. Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје и беше прва поддршка од овој фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност што ја чествува и борбата против фашизмот.