Ресен домаќин на манифестацијата „Мојот дел од природата“ по повод Светскиот ден на езерата


По повод Светскиот ден на езерата, Македонското еколошко друштво, во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ денеска на градскиот плоштад „Цар Самоил“ во Ресен ќе ја организира јавната манифестација „Мојот дел од природата“, посветена на природното наследство на Преспа и неговото зачувување.

Настанот ќе започне во 18 часот со обраќања на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, и извршната директорка на Македонското еколошко друштво, Робертина Брајаноска.

Во рамки на програмата е предвидено потпишување на Декларација за основање на Прекугранична работна група за шуми, како и панел-дискусија на тема „Зачувување и одржливо управување со природното наследство на Преспа“. На дискусијата ќе учествуваат претставници на Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Македонското еколошко друштво и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Посетителите ќе можат да разгледаат штандови со локални производи, да присуствуваат на натпревари во друштвената игра „Преспа“, а програмата ќе заврши со музичка вечер. Предвиден е настап на групата „Персиди“ со староградска музика, како и концерт на бендот „Пуш Пауза“.

Организаторите посочуваат дека манифестацијат е посветена на природното наследство на Преспа, неговото зачувување и одржливо управување, но и на луѓето, традицијата и локалните богатства кои ја прават Преспа посебна.