Рекордни приходи од данокот за кучиња во Германија


Приходите од данокот на кучиња лани достигнале рекордна вредност од околу 421 милион евра. Градовите и општините во Германија на тој начин собрале 1,6 отсто повеќе пари од претходната година, објави Сојузниот завод за статистика. 
И во 2022 година е забележана рекордна сума.

Институтот ги објави податоците по повод Светскиот ден на кучињата, кој се одбележува овој четврток, 10 октомври.

Приходите од данок на кучиња растат веќе 10 години. За тоа време тие скокнале за цели 41 отсто, велат статистичарите.

Повеќе даночни приходи не мора да значи повеќе кучиња. Имено, висината и структурата на даночната стапка ја одредува секоја општина поединечно. Износот на данокот може да зависи од бројот на кучиња во домаќинството или од расата.

Околу 10,5 милиони кучиња живееле во германските домаќинства во 2023 година, според истражувањето на Централното здружение на продавници за миленичиња (ZZF) и Здружението за индустрија за домашни миленици (IVH).

Кучето носи многу радост, но значи и дополнителни трошоци кои значително се зголемија во последните години. Цените на храната за кучиња и мачки се зголемија во 2023 година во просек за речиси 17 отсто.

Вкупната инфлација во истиот период изнесува 5,9 отсто.