Рекордна глобална побарувачка за јаглен


Глобалната побарувачка за јаглен е поголема од кога било, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Потрошувачката на јаглен силно закрепна по остриот пад за време на пандемијата на коронавирус, објави ИЕА. Според проценките на агенцијата, оваа година би требало да изнесува рекордни 8,77 милијарди тони.

Побарувачката ќе остане релативно стабилна до крајот на 2027 година, бидејќи обновливите извори на енергија играат сè поголема улога во производството на електрична енергија и намалената потрошувачка на јаглен во Кина, очекува ИЕА.

Директорот на ИЕА за енергетски пазари и безбедност Кеисуке Садамори рече дека брзото користење на технологии за чиста енергија го менува глобалниот сектор на електрична енергија, кој сочинува две третини од светската потрошувачка на јаглен.

„Сепак, временските фактори – особено во Кина, најголемиот светски потрошувач на јаглен – ќе имаат големо влијание врз трендовите на краткорочната побарувачка на јаглен. Брзината со која расте побарувачката за електрична енергија ќе биде исто така многу важна на среден рок“, рече Садамори.

Електричниот сектор во Кина е особено важен за глобалниот пазар на јаглен, бидејќи една третина од светската потрошувачка на јаглен се согорува во електраните во земјата.

Побарувачката на јаглен во Кина се очекува да порасне за еден процент на 4,9 милијарди тони во 2024 година, додека индиската би можела да се зголеми за повеќе од пет проценти до 1,3 милијарди тони.

Во ЕУ и САД побарувачката на јаглен годинава паднала за 12, односно пет отсто. Падот во 2023 година беше 23 и 17 проценти, соодветно.