Реконструкцијата може да заврши како избор на нова влада
ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и по синоќешните интезивни разговори не постигнале договор околу тоа кого да реконструираат и во кои ресори. Викендов треба да има уште еден круг разговори, по што, најверојатно, на почетокот од идната недела процесот би требало да се заокружи како формален предлог што премиерот Христијан Мицкоски би го доставил до законодавниот дом. денес и спикерот на Собранието, Африм Гаши потврди дека предлог од владата се уште нема и кога же дојде ќе биде ставен во процедура, како што се навестува, како избор на нова влада бидејќи бројката на сменети и ротирани министри со која се шпекулира сега надминува една третина од составот.
Од неофицијалните брифинзи произлезе дека ВМРО-ДПМНЕ ги добива со сигурност Здравство и Социјална работа и демографија, како и Евроинтеграции, а ВРЕДИ во замена ги зема Правда, Култура, Спорт и Односи меѓу заедниците. иако за ресорот Правда, се уште не биле дефинитивно расчистени дилемите кој да го преземе. Во таквата констелација на односи понудата што наводно Мицкоски ќе му ја дал на Максим Димитриевски е, наместо Правда да предложи кадар во земјоделство од каде наводно поради приватни причини ќе си замине актуелниот министер Цветан Трипуновски.
Од ЗНАМ побарале евалуација за работата на сите министри, а не само за одредени чии имиња веќе подолго време се вртат во јавноста дека ќе бидат сменети, како она на Игор Филков во Правда, за кого во партијата сметаат дека завршил повеќе работа отколку што се преставува во јавноста.
Освен овие рокади, вицепремиерското место за добро владеење што се испразни по оставката на Арбен Фетаи преминува во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, а таму дополнително останува и вицепремиерското за политички систем што го држи Љупчо Димовски,, како и министерското без ресор што го има Шабан Салиу, кој сигурно ќе биде заменет откако влезе во процесот за пожарот во „Пулс“ во Кочани, како обвинет.
Од досега познатите информации, освен Фатмир Лимани, Арбен Фетаи и, најверојатно Игор Филков, од Илинденска број 2 си одат Борко Ристевски, Зоран Љутков и речиси извесно Азир Алиу, додека Беким Сали се очекува да ротира и да преземе друг ресор наместо Евроинтеграции. Енигма е дали Иван Стоиљковиќ ќе добие нова понуда наместо Министерството за односи меѓу заедниците или и нему Мицкоски дефитивно ќе му се заблагодари за соработката.
Ако сето ова се потврди, тогаш реконструкцијата ќе опфати барем 7-8 ресори и уште повеќе министерски имиња. Тогаш владата ќе се гласа во пакет.
Гаши денес соопшти исто така дека во Министерството за правда денес се одржува состанок за промена на Изборниот закон кој според него може да биде последен, а наедно се прави напор до крајот на рокот на ЕУ, 30 јуни, да се усвои уште некоја од обврските од Реформската агенда.