„Рекет“ ќе нѐ однесе на гласање


Дали ќе има предвремени избори напролет или на почетокот од летото в година ,зависи од тоа дали во октомври ќе добиеме датум за преговори за членство во Европската унија, односно дали до крајот на годинава ќе заврши процедурата за влез во НАТО. Вакви се предвидувањата на аналитичарите, но и размислувањата во владејачките кругови во однос на барањето на опозицијата да не се чека декември 2020 година како редовен термин за соочување на партиите со избирачите.

ВМРО-ДПМНЕ официјално предложи предвремените избори да се одржат кон почетокот на април поради велигденските празници или кон крајот на мај поради рамазанските пости. Според најголемата опозициска партија, Македонија не смее да си дозволи да губи време со власта на Зоран Заев, за која сметаат дека е криминална, неспособна и не може да ја придвижи земјата.

Во СДСМ и натаму повторуваат оти не е време за избори, бидејќи фокусот е ставен врз економијата, но признаваат дека во партијата сѐ почесто се размислува да се прифати фрлената ракавица од опозицијата.

 

Ќе треба време и за техничка влада

„Факт е дека аферата ‘Рекет’ сериозно ни го нарушува рејтингот, иако сме уверени оти нема поврзаност со случајот на функционерите од партијата. Тоа очекуваме да го докаже и истрагата. Сега е сезона на одмори, наесен очекуваме да се најде решение за Законот за обвинителство, па и за пописот и за изборниот модел. Во октомври се надеваме на зелено светло од Брисел и конечно започнување на преговорите со ЕУ, затоа што ние како држава и како власт направивме сѐ што беше побарано од нас. Доколку ратифицикацијата на поканата за НАТО заврши навреме во сите земји, иако нејасно е како ќе се одвива ситуацијата во Шпанија, тогаш може да седнеме напролет и да се договориме за избори. Треба да се има предвид оти ќе треба да изгласаме и Пржинска влада, планираме да ја почитуваме точката која вели дека премиерот Заев ќе ја напушти функцијата на 100 дена пред одржувањето избори. Во овој момент, несериозно е да се лицитира за датум, но доколку сите работи одат според предвиденото, на избори би оделе пред почетокот на летото. Доколку не, останува октомври како датум што го предложи и премиерот Заев“, посочуваат соговорници од СДСМ.

Претставниците на власта и на опозицијата досега не разговарале за оваа тема, ниту во рамките на работните групи што ги имаат за трите спорни точки: Законот за обвинителство, пописот и изборниот модел. Во ВМРО-ДПМНЕ очекуваат нивните политички конкуренти најпрво да се изјаснат за двата термини што ги понудиле, а потоа би разговарале за други.

Фото: Б.Грданоски

„Нема да им помогне ниту ЕУ доколку добиеме покана, ниту НАТО, затоа што граѓаните сфатија со кого си имаат работа. Нека одлучат кој месец сакаат, нека им биде и во јуни, ние сигурно нема да бојкотираме, туку ќе победиме и тоа со голема разлика“, оптимисти се во ВМРО-ДПМНЕ.

Албанските партии не се против

И аналитичарот Петар Арсовски смета дека можно е да одиме на избори напролет доколку власта го добие потребниот ветер во грб од Брисел.

„Секако дека владата ќе сака да оди што е можно побргу на избори од моментот кога би добиле датум за преговори со ЕУ и официјален влез во НАТО, сакајќи да го капитализира тој ефект и задоволството што би следувало. Обратно, доколку не добиеме преговори, а зачкрипи и ратификацијата за НАТО, ќе се обиде да одлговлекува за да ја избегне разочараноста меѓу граѓаните“, нагласува Арсовски.

Во јавноста се коментира дека разните економски мерки што секојдневно ги промовира претседателот на владата се класично предизборие, но во СДСМ демантираат и тврдат оти нивната влада работи постојано во интерес на граѓаните, а не само за избори.

„Цели 11 години, претходната криминална власт на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски реализираше мерки и тоа популистички, исклучиво пред избори со цел да придобијат некој глас повеќе. Ние не сме такви“, тврдат на „Бихахќска“.

Кога се во прашање партиите до албански предзнак, и таму изгледа има сѐ поголемо расположение за предвремени парламентарни избори. Од ДУИ единствено условуваат тие да не бидат годинава поради процесите што треба да ги заокружи земјава по евроатлантскиот пат додека в година би била друга песна.

„Тие избори би можеле да се одржат во мај, јуни или во октомври. Идната година секако е изборна. Треба сите партии да седнеме и да се договориме. Ние секако дека сме подготвени за тој предизвик“, уверуваат од партијата на Али Ахмети.

Опозициските Алијанса за Албанците и Беса, пак, се уверени оти нивното време доаѓа, а тоа на ДУИ е завршено. Иако се немаат договорено за заедничка соработка, и Зијадин Села и Биљал Касами сметаат оти тие на крајот ќе излезат како победници во албанскиот електорат и ќе бидат дел од новата влада.

Горан Адамовски