Реиздание на „Писма“ од Игор Исаковски


Издавачката куќа „Или-Или“ повторно го објави изданието „Писма“ – дебитантската проза од Игор Исаковски (1970-2014). Книгата е првпат објавена во 1991 година, во издание на „Книжевна младина на Македонија“.

-По 35 години една од „најскопските“ книги повторно  заживува и меѓу новата генерација  домашни читатели. По собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание насловено „Совршен поет“, кое издавачката куќа „Или-Или“ го промовираше минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег бидејќи се претставува Исаковски во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент, соопшти „Или-Или“ по повод реизданието. 

Уредникот на издавачката куќа Игор Анѓелков во поговорот од книгата напиѓа дека таа „три и пол децении  трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата“.

-Бидејќи добрата литература го прави токму тоа – таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност. На реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас кој на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град кој живееше 24/7, на едни луѓе кои ги знаеја сите негови светли и темни сокаци и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за век и веков, вели Анѓелков.