Регионалните лидери на НАТО разговараат за безбедносните прашања во Западен Балкан
На мини самитот се присутни Ковачевски, Столтенберг, херватскиот претседател Зоран Милановиќ, и премиерите Милојко Спаиќ (Црна Гора) и Еди Рама (Албанија)
Во хотелот „Хилтон“ во Скопје денеска изутрина започна неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, на кој во поширок контекст ќе се расправа за безбедносните прашања и Западен Балкан, како и руската воена агресија против Украина и активностите во регионот. Заеднички домаќини се премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тие ги пречекаа претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, и премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ.
Во изјава за медиумите пред почетокот на состанокот Ковачевски, истакна дека тоа што нашата држава е домаќин на овој состанок ја потврдува улогата на Македонија како фактор на безбедност во регионот, меѓутоа и како земја членка на НАТО.
„На денешниот состанок ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, меѓутоа секако дека ќе ги разговараме и за клучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот што се води во појасот Газа, како и за сите други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир, стабилност и безбедност во нашиот регион, во Европа и светот“, истакна премиерот Ковачевски.
Столтенберг ја посочи Македонија како земја која е успешна во многу работи, вклучително „и успешно мултиетничко општество, кое им демонстрира на регионот и на светот дека луѓе со различна позадина можат да живеат заедно на мирен начин“.
„Македонија е високо вреднувана во алијансата и тоа се гледа од фактот дека самитот на НАТО лидери денеска се одржува тука. Ќе дискутираме за безбедноста со лидерите, но и ќе се осврнеме на предизвиците со кои се соочуваме надвор од границите на овој регион“, рече Столтенберг.
Тој го поздрави и договорот помеѓу Хамас и Израел кој би требало да доведе до ослободување на заложниците и ќе овозможи доставување на хуманитарната помош.
Поради здравствени причини, како што информираа од Владата, премиерот на Словенија – Роберт Голоб, нема да биде во можност да присуствува.
Црногорскиот премиер Спаиќ, на пристигнувањето изрази задоволство што неговото прво патување е на НАТО самит во Македонија, која како што нагласи, е во срцето на Балканот и ги покажува заложбите на Алјансата на Балканот.
„Ни претставува чест што сме дел од оваа Алијанса и ќе продолжиме да ја поддржуваме и градиме кредибилно и активно НАТО партнерство“, изјави Спаиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама, на пристигнувањето, изрази задоволство што сите од регионот се заедно денеска, во едно турбулентно време за светот, со кризи кои имаат потенцијал да го зафатат и нашиот регион.
Треба да се фокусираме на одбрана на тоа што веќе го имаме, што можеби не е најквалитетниот мир, но е мир. Мир, што треба да ги зајакнеме и сите треба да се фокусираме на постигнување на целосен мир и заеднички да напредуваме“, порача Рама.