Редакцијата на „Трн“ ги додели признанијата за храбрите и упорни гласови во 2025
Денеска, 13 декември, редакцијата на порталот „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.
Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.
Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.
Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.
Наградата „Женски трн“ се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам. Едното признание го доби Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат. Второто признание го доби Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување „Хера“ за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.
Наградата „Здраб трн“ за заштита на јавното здравје ја доби „Сапорт Кочани“ за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.
Признанието „Младински трн“ за глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.
Во категоријата „Трн на еднаквоста“ за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам. Едното е за Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата. Второто признание е за Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.
Наградата за интервенција во јавен простор „Интервентен трн“ беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3 Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.
Награда во оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.
Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.