Рецензија: „Човек-пајак: Нов свет“


Овој филм, во режија на Боб Персичети, Питер Рамзи и Родни Ротман, со гласовите на: Шамеик Мур, Махершала Али, Лили Томлин, Николас Кејџ и Лив Шрајбер, кај нас, како и пошироко, не предизвика голем интерес во моментот кога се појави. Ова е според мене уште еден пример дека за вистинските вредности да бидат препознаени неопходно е да помине време. Така, повторно по декември овој исклучително иновативен и уметнички високо вреднуван анимиран филм се појавува повторно на репертоарот. Најшироката публика знае за него како за добитник на „Оскар“ за анимиран филм годинава. Оваа продукција во секој поглед изобилува со иновации. Самото сценарио е нетипично дури и за филмовите правени според стрип бидејќи станува збор за извесно градење на нова франшиза, на база на старата. Што доколку ликот чија моќ се состои во претрпувањето на метаморфоза (ова е случај и со другите херои од оваа подгрупа, како Бетмен, Супермен…) е некој кој во реалноста е отфрлен? Тука станува збор за Афроамериканец кој ги има проблемите карактеристични за високата ниска класа. Социјалниот аспект, за разлика од останатите продукции од оваа подгрупа, тука не е прескокнат. Тука станува збор за проблем кој до неодамна беше нетипичен за развиените западни демократии. А тоа е статусот кој се базира на образованието.

Со развитокот на технологиите, квалитетното образование или природниот иновативен талент кој индивидуата го поседува стана многу важен. Не случајно се вели дека сега најголемите стартап-акцелератори не се веќе големите фирми туку универзитетите, институтите, академските лаборатории. Бидејќи и тука станува збор за борбата меѓу злото и доброто, злото би сакало иновативноста (или луцидноста) да ја стави во своја полза. Бидејќи главниот лик е многу помлад од сите досегашни изданија на оваа франшиза, главната предност му е начинот на размислување. Доколку го има размислувањето на злото, тогаш тоа како црна магија би победило. Пораката е дека треба да го негуваме детето во нас доколку сакаме да го победиме злото. Друг особено иновативен аспект на ова сценарио е употребата на психолошкиот пристап на сублимацијата во создавањето на ликовите помагачи (како што се нарекуваат во теоријата на драматургијата). Во таа смисла ова е релативно ретка појава во комерцијалните продукции, иако ја има уште во „Волшебникот од Оз“. Според детската психологија, кога детето има тешкотии, тоа фантазира дека ликовите од медиумите му помагаат. Иако се тие плод на фантазијата, бидејќи е сосема чиста (како резултат на детството), таа се пренесува и во реалноста. Тука е употребен постмодернистичкиот пристап на градење ликови од веќе постоечки вреднувања. Сценариово убедливо разигрува игра со неколку реалности, иако доколку сето тоа би била само гола нарација (без филмување), тогаш тоа би било неубедливо. Повеќеслојноста употребена во сценариото е нетипична за комерцијалните А-продукции. Неа ја има и во експерименталната визуелност на анимацијава, која се труди да ги обедини речиси сите анимациски видови (освен куклените) како и сите нивни дополнителни ефекти (кои се наследени од стриповите). Така што во целина филмов изгледа свежо, сосема автентично и неоптоварено со традиционалните закономерности на класичната анимација.

Како особено иновативни би ги истакнал стлизациите од анимираните телевизиски серијали (од неколку генерации) кои се ефектно вклопени со скапата хај-тек дигитална анимација. Автори на сценариово се едни од најбараните од оваа област- Фил Лорд („Филмот-Лего“, „Клон“) и Родни Ротман (некогашен автор во тимот на Дејвид Летерман). Гласовите, пак, се составени од постарата и поновата генерација на Холивуд, што придонесува за живоста на анимираното дејство и непредвидливоста во акционите сцени. Одбегната е грешката да се одберат гласови од исто друштво, при што се завршува во презаситеност.

Игор Поп Трајков