Рецензија: „Човек пајак: далеку од дома“

Најчесто сите психолошки истражувања потврдуваат дека повеќето луѓе за најсреќен период од својот живот го сметаат оној поминат во гимназија. Овој филм „Човек-пајак: далеку од дома“, во режија на Џон Вотс, со Том Холанд, Џејк Гиленхал, Зендаја и Мариса Томеи, умее да ја искористи онаа аура на среќност околу ликовите, која придонесува возрасните да се поистоветат со нив и барем за миг да се чувствуваат како да се вратиле во тоа време. Значи, овој филм ни најмалку не изгледа ориентирано само кон младата публика. Но историски се направени многу големи поместувања, односно оној аспект на оваа СФ-продукција кој спаѓа во жанрот тинејџерска продукција.

Некогаш овој жанр беше еден од главните, ако не и најглавен одговорен за најголемиот дел од приходите на големите студија и телевизии. Сетете се на серијата „Беверли Хилс“. Сепак, преовладуваше мислењето дека овие продукции повеќе ги спасуваат големите продукциски фирми отколку што претставуваа сериозен прилив на средства. Прогнозите се покажаа точни, иако помалку необјасниви, бидејќи некаде на почетокот на новиот милениум интересот за овие филмови сосема секна. Тинејџерските продукции, кои се најчесто комедии, се можеби последниот жанр кој се има појавено – некаде во средината на шеесеттите, кога американското и западноевропските општества стануваа многу либерални. Кога почнува да станува кул да се зборува за дроги, промискуитет и измамнички живот. Се чини конзервативно-пуританските општествени тенденции беа главните кои пресудија дека овој жанр е неповолен. Едноставно, младите во овие земји умеат самите да согледаат што е лошо влијание за нив. Ова го потенцирам бидејќи тука сè уште преовладува мислењето дека западната публика била глупава. Напротив, таа сака да види дека има кој да ја изнесе на вистинскиот пат – што е, доколку повнимателно се задлабочите, и тенденцијата на сите поамбициозни уметнички движења. Сите горенаведени неопходни промени, односно жанрот се содржани во овој филм. Имено, кога гимназиската група оди на екскурзија, таа завлегува во авантури од соништата. Идеалот (а не идеолошкиот фанатизам) на секој тинејџер е дека еден од неговата група е херојот. Филмов дозволува оваа младешка занесеност да стане вистина. Соученичката и симпатија на човекот пајак признава дека отсекогаш се сомневала дека токму тој е големиот херој. Ова е една од најсилните страни на оваа продукција, која успева да направи да ја согледаме потребата и на оваа денешност за спасители. Сите сакаме кога ќе видиме дека системот, законот и моќта се неправилно распоредени, да дојде некакво супериорно суштество од друг универзум или со различен калибар од човечкиот да нè спаси. Човекот пајак е, всушност, херој, кој има особини на човек. Значи, не е перфектен. Со оглед на годините, нема големо искуство. Не ја разбира психологијата на тимската работа, а ни на злото. Едноставно е импулсивен. Така доаѓа до непредвидливи перипетии, кои се навистина нови во акционите филмови. Во секој случај, сценаристите заслужуваат пофалби.

Забележливо е дека двата главни сценаристи – Крис Мекена и Ерик Сомерс имаат претходно многу големо искуство прво на телевизија, а потоа токму со ваков тип хитови. По сè изгледа, токму ова (искуството на ТВ) овозможило да се развијат ликови што оддишуваат со реалност од нашиот свет, не од оној филмскиот. Ова е неопходно бидејќи главниот заплет се врти околу илузионистичкиот тероризам и измами со високотехнолошки дронови проектори, каде што не се знае кој и што е реално. Сценариото остварува деликатна сатира на сегашните лажни вести, поточно на фактот колку тие ѝ се неопходни на мрачната страна на светот. Главниот лик од стриповите „Марвел“ го толкува совршено природниот и харизматичен Том Холанд, кој својата кариера ја почна како дете во „Били Елиот“.

Игор Поп Трајков