Реал Мадрид одби да го прими шампионскиот трофеј од почит кон противникот


Минатиот викенд фудбалерите на Реал Мадрид по 36-ти пат станаа шампиони на Шпанија, но клубот одби да го прими трофејот на следниот натпревар.

По победата на „кралскиот клуб“ против Кадиз и поразот на Барселона од Џирона, Реал дојде до недостижна предност.

Челниците на Ла Лига стапиле во контакт со Мадрид во понеделникот наутро и им дале информација дека ќе им биде доделен шампионскиот пехар претстојниот викенд на гостувањето кај Гранада.

Сепак, Реал одбил да го прифати трофејот. Од клубот соопштиле дека имале посебна причина за таквиот чекор. Гранада, според сите проценки, ќе го загуби прволигашкиот статус на мечот против Реал бидејќи има дури 11 бода помалку од Мајорка на четири кола до крајот.

Од почит кон противникот, Реал одбил да го прифати трофејот на овој натпревар бидејќи не сакале навивачите на Гранада да го видат во тој момент. Исто така, мадриѓаните сакале да го добијат трофејот пред своите навивачи.