Реакција од Љубомир Фрчкоски: Нема злоупотреби, туку лаги и конструкции
Амбасадорот во ОН ги отфрла наводите на „извори од МНР“ дека не биле уплатени парите од сукцесијата и дека тоа е направено во три наврати
Од мисијата на Македонија во ОН испратија на реакцијата на тврдењата дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски злоупотребил сретства за авионски карти спротивно на правилата на МНР и дека незаконски држи пари од сукцесијата – поради што е викнат на консултации во земјата. Од таму тврдењата ги нарекоа срамни и мизерни, порачувајќи дека не станува збор за злоупотреби туку за лаги и конструкции на службите во МНР кои ги имаат документите, но сакаат „да му учинат на министерот“.
„Во медиумите низ Македонија деновиве се шират лаги за финансиското работење на постојаната мисија на Република Северна Македонија во ООН во Њујорк и за амбасадорот, професорот Љубомир Фрчкоски, со поднаслов ‘од извори на МНР’. Клучниот дел од тие лаги поранешниот министер, Бујар Османи, ги демантираше јавно нарекувајќи ги токму така ‘лаги’ ((https://www.mfa.gov.mk/mk/page/13/post/3473/fabrikata-za-lagi-prodolzhuva-da-shiri-manipulacii-i-netrpelivost), а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк.
Да потсетиме, конструкциите се однесуваа на тврдењата дека ‘амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат’.
За тие тврдења кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на тие пари од сукцесијата во Буџетот во три наврати – со што целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие кои сега се нудат да ‘им учинат на новите власти’ овие документи на време ги имаат на увид и во поседување).
Службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените во мисијата со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (врз основа на погрешно направен тендер на вработена во мисијата која сега е во кабинетот на министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност. Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди сретства, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно.
Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.
Што повеќе да се каже? Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е ‘погоден’ за идеологијата на новите власти. И тоа е подготвен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува.
Но, начинот што МНР го избра за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финаското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација со јавноста.Најпосле, мисијата го повикува МНР, кој има инструменти, да испрати ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење на истата.
На крајот, посебна трагедија во МНР е фактот што со ниту еден единствен збор не посочија на резултатите на мисијата на Северна Македонија во ОН овие две и пол години. Во извештаите ги имаа сите факти, проекти и настапи. Исклучително значајни резултати. Но, за тоа во некои подобри времиња“, стои во реакцијата од мисијата на Македонија во ОН во Њујорк.