Реакција: Кој сака да ги запали дрвјата кај Треска?


Кандидатката  за градоначалник Ана Петровска од Зелен хуман град реагираше јавно на пожарот во „Треска“ запрашувајќи – дали е подметнат  со цел да изгорат дрвјата и да се отвори пат за нова бетонизација.

-Треска е еден од ретките простори во општина Центар што дава можност тука да никне нов парк, а објектите да се пренаменат за културен центар и младински зелени стартапи.

Новиот ГУП мора да го зачува овој простор од изградба на нови згради. За борба против загадувањето во градот мора да остане “светото тројство” што го формираат Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба и Расадник, но не смее да се бетонизираат ниту Треска, ниту просторот пред Холидеј Ин.

За изработка на новиот ГУП, мора да донесе Катастар и Стратегија за урбано зеленило со кои зеленилото ќе се попише, постојните паркови ќе се заштитат и ќе се предвидат нови, согласно Законот за урбано зеленило, реагира Петровска.

Таа наедно го демантираше премиерот Зоран Заев кој во интервјуто за 24 часа сугерираше дека има каков било договор за поддршка на неговата партија во вториот круг во Скопје.

-Јас сум независен кандидат предложен од иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД и се изборив за правото да се кандидирам за градоначалник со собрани 1.000 потписи. Јас и ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД не сме поддржани, ниту поддржуваме било која политичка партија! Затоа, најостро реагираме на обидите за доведување на гласачите во заблуда дека сме дел од пазарењето што го прават повеќето политички партии за овие локални избори!

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ужива огромна поддршка и симпатии за своето активистичко делување и критиките на штетните политики на Градот Скопје. Граѓаните ги отфрлаат партиските манипулации и не дозволуваат да продолжи бетонизацијата на градот, сечењето дрвја и расфрланиот отпад. Затоа партиски гласноговорници се насочени кон дефокусирање на гласачите – делегитимирање на нашата независност и наше поврзување со политички партии од власта и опозицијата, порача Петровска.

Според неа, партиите постојано се договараат на штета на граѓаните.

-Ннеодамна парламентарните партии се обидоа противуставно да го изменат Изборниот законик и да наметнат да се собираат 10 пати повеќе потписи за независните листи да добијат право да учествуваат на избори. Опозициска партија се договори со големите партии 7% медиумски простор да добијат опозициските парламентарни партии без пратеничка група, а само 3% да делат партиите вон парламентот и независните кандидати.

Ние не се пазариме со гласовите на скопјани, бидејќи сите ние сакаме Скопје да стане ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД. Имаме визија, знаење и искуство и нашата понуда е препознена од скопјани. Тоа ќе се покаже и во првиот и во вториот круг од гласањето, вели Петровска.