Реакции: „Криминалниот“ проект на СДСМ и ДУИ сега стана „историски“


СДСМ  го коментира вчерашниот настан околу изградбата на коридорите од страна на  „Бехтел и Енка“, порачувајќи дека се што се кажа од страна на претставниците на власта е потврда дека проектот не бил ни непотребен ни криминален и дека нападите кон претходната влада биле неосновани.

„Само четири месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ станува јасно дека се она што говореше во опозиција биле празни флоскули, гола критика и желба по секоја цена да се оцрни тогашната власт. Ниту бил непотребен, ниту бил криминален проект, проектот за изградба на 110 километри автопати дел од нив и по најтешките планински предели е проект кој се реализира во соработка со нашиот стратешки партнер САД“, рече Благој Бочварски, пратеник на СДСМ.

„Како политичка партија и тогаш и денес тврдиме дека новиот модел на градење е побрз, поефикасен и побргу ги дава резултатите на терен. Додека владата на СДСМ ги поставуваше темелите на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на независна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ неосновано напаѓаше, критикуваше, обвинуваше, блокираше закони во Собранието се со цел да го забави инфраструктурниот раст на државата.Денеска конечно ја разбраа суштината на она кое со месеци го говориме, брзата изградба на европските коридори е возможна само доколку се работи според модифициран фидик, во фазна градба, со силен изведувач кој на паралелно ќе проектира и ќе гради.

Само како илустрација, ако овој проект го започневме по традиционалната метода во 2023 година, реалните градежни работи на терен немаше да се случат пред 2026 година. За разлика од стариот модел, со новиот модел на фазно проектирањр и градење овој проект е започнат во прв квартал 2023, а кон крај на 2023 веќе имаше активности на терен“, порача Бовчарски.

Тој оцени дека овој проект ќе биде мотор на економијата, преку него ќе се темели и растот на економијата, вклучување на 90 % домашни изведувачи и добавувачи, ангажирање на домашни работници и инженери и секако партнерска работа на домашната оператива со една од насилните светски компании од која можеме да научиме многу како градежен сектор. Такво нешто кажа и  министерката за финансии Кочовска пред неколку дена.

„Во 2023 година како држава ја потпишавме спогодбата со ЕУ за вклучување и на Коридорот 8 на мапата на главни европски коридори. Со тоа Македонија како мала централно поставена држава на Балканот е земја во која се вкрстуваат 2 европски коридори, и тоа е наша огромна предност. Таа предност ние не смееме да ја пропуштиме.Затоа денес и во идните години, нашиот врвен интерес треба да биде завршување со изградбата на автопатските, железничките и енергетските коридори.

СДСМ како одговорна политичка партија и кога ја предводи владата, но и кога е во опозиција силно ќе ја поддржува изградбата на стратешките проекти од национално значење, зошто само така ќе ја развиеме економијата преку зголемување на економската активност, ќе ги развиеме планските региони, ќе го развиеме туризмот, ќе ги намалиме сообраќајните незгоди и ќе ги намалиме гужвите и метежот по патиштата“, изјави Благој Бочварски, пратеник на СДСМ.

За коридорите се јавија со реакција и од ДУИ кои пред се изразија задоволство што изградбата на Коридорите 8 и 10д продолжува, нарекувајќи се себеси визионери. 

 

„Ова само го потврдува нашиот стабилен визионерски пристап и долгорочните политики за напредок на земјата и за изградба на модерна патна инфраструктура. Тие што до вчера жестоко се спротивставуваа на овој проект и се закануваа со негово поништување, денес го нарекуваат историски проект. Оваа промена во ставовите ја потврдува вредноста што Коридорот 8 ја претставува за развојот на Северна Македонија и за подобрување на нејзините врски со регионот и Европа.

Политиките на ДУИ секогаш биле во интерес на граѓаните, и секојдневните резултати ги убедуваат тие дека обвинувањата и нападите насочени кон нас не беа ништо друго освен обид за освојување на власта без вистинска поддршка.

Наспроти критиките, бараме овој важен проект успешно  да се реализира.Исто така, апелираме за изградба на тунелот на патниот правец Гостивар-Букојќане, оценувајќи го како најсоодветно решение за изградба на Коридорот 8. ДУИ бара предвидените средства за овој проект да се искористат според планирањето, без непотребни пречки или одложувања. Овој проект го носи печатот на ДУИ, го носи печатот на нашата посветеност за заедничкото добро и за подобра иднина на Северна Македонија“, велат од ДУИ на прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ сепак продолжија со навредите, иако од терен праѓаат други пораки.

„Во СДС се далеку од реалноста и се дезориентирани. Политичката сцена бара сериозност и одговорност, а СДС наметнува реторика без суштина“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по пресот на Благој Бочварски.

СДС, според оваа партија, е само распадната структура која нема кредибилитет, компетентност, ниту има слух за проблемите на граѓаните и нивно решавање.ВМРО ДПМНЕ, како што додаваат, не игра на карта на тврдоглавост, туку работи во интерес на граѓаните.

„ВМРО – ДПМНЕ никогаш не е против коридорите, планот е јасен, коридорите се неопходни за поврзување и развој на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ не е против реализирање на проекти. За ВМРО-ДПМНЕ е клучен начинот на реализирање на проектите. ВМРО – ДПМНЕ со домаќинското работење покажа дека всушност коридорите може да се реализираат со намалување на средствата. Со коридорите Македонија ќе има значајна улога во транспортната и енергетската инфраструктура на европската мапа“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.