Разузнавачите на САД отфрлаат постоење врски меѓу „хаванскиот синдром“ и странски служби


Американските разузнавачки служби не се убедени дека инцидентите поврзани со таканаречениот „хавански синдром“ се извршени од странски противници или служби.

Во обновените заклучоци на разузнавачките служби на САД за таканаречените аномални медицински инциденти (АМИ) објавени синоќа се тврди дека постои „многу мала“ веројатноста симптомите да се предизвикани од странски агенти или употреба на оружје.

Истрагите околу овие инциденти ги вршеа седум американски разузнавачки служби, заклучокот е поддржан од пет од нив и е во согласност со наодите од 2023 година. Експертите тогаш заклучија дека симптомите „најверојатно се предизвикани од фактори неповрзани со странска вмешаност како хронична болест, обични слабости или влијанија од животната средина“. Службени лица изјавија дека новите информации се „чувствителни“, и дека ги потврдиле претходните заклучоци.

– Разузнавачките наоди не ги сврзуваат овие случаи со странски субјекти, тие се неповрзани, изјави еден американски разузнавач под услов за анонимност.

– Сите служби од разузнавачката заедница се согласни дека повеќегодишните напори за собирање податоци, анализи и утврдување на можните причини не открија убедливи докази за поврзаност на странски субјекти со случаите класифицирани како АМИ, додаде тој.

Случаите околу „хаванскиот синдром“ првпат се појавија во 2016 година кога дипломати и други вработени во амбасадата на САД во Хавана, Куба, пријавија необични здравствени проблеми и симптоми како мачнина, вртоглавица, силни главоболки и проблеми со меморијата. Подоцна, слични случаи беа регистрирани во дипломатските претставништва на САД во Русија, Кина, Полска, Австрија, па дури и во САД.

Многу од жртвите примаат федерални средства за закрепнување и побараа објаснување од властите, но сепак некои државни документи сè уште остануваат класифицирани.

Најновата проценка не се совпаѓа со декемврискиот извештај на поткомитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, во кој американските разузнавачки служби се обвинуваат за небрежна работа и обид да „дојдат до политички прифатлив заклучок“.

– Постојат веродостојни докази дека некои аномални медицински инциденти се дело на странски противници, изјави тогаш републиканецот Рик Крафорд, претседател на поткомитетот кој надгледува активности на ЦИА.

Претседавачот на комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Тарнер, синоќа ја критикуваше новата проценка на разузнавачите.

– Според мене, новите разузнавачки податоци треба целосно да го променат нашето разбирање за можностите на противниците и ризиците со кои се соочува нашиот персонал, изјави Тарнер.

Неколку независни истраги потврдуваат дека руски тајни служби стојат зад „хаванскиот синдром“.

Во заедничка истрага спроведена лани од „Си-Би-Ес“, „Инсајдер“ и германски „Шпигел“ се тврди дека откриени патни документи, податоци од мобилни телефони, сведоштва на очевидци и интервјуа со американски официјални лица и жртви укажуваат на тоа дека Русија е веројатниот виновник. Конкретно, истрагата врши анализа и ги поврзува многуте извештаи за „хаванскиот синдром“ со активности на агенти од единицата 29155 на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), позната по организација и вршење на диверзии и атентати. Истрагата открила дека членови на оваа единица добиле награди и унапредувања за развој на звучно или радиофреквентно оружје со насочено дејство.

Сепак, службеник на американската разузнавачка служба ги отфрли овие наоди.

– Овие тврдења не можат да се проверат темелно, изјави службеникот.